„Слово“ ја издаде „Епидемија на лагата“ од Петар Гошев

Од печат излезе книгата „Епидемија на лагата“ од Петар Гошев, издание на издавачката куќа „Слово“. Книгата е збирка статии, анализи, колумни и обраќања на Гошев пишувани помеѓу 2011 и 2023 година, кои ги тематизираат општествено-економската и политичката состојба во Македонија и бившата СФРЈ. Текстовите му даваат длабок увид на читателот за главните општествено-политички случувања на овие простори во временска рамка од триесет и неколку години – од распадот на СФРЈ до денес, проследени со исцрпни анализи на економската состојба на Македонија од осамостојувањето до одредени случувања во политиката во денешниот период.

– Книгата содржи широк спектар од различни општествени теми засегнати од авторот, но сите тие имаат еден ист заеднички именител – лагата. Петар Гошев, како еден од активните и долгогодишни чинители во политичко-економскиот македонски контекст од самото раѓање на самостојната држава, на читателот му дава искрена и храбра перспектива на позначајните случувања во државата соголувајќи голем број невистини и табу-теми во општеството, истовремено отворајќи и нови хоризонти за нивно понатамошно анализирање и толкување – велат издавачите.

Петар Гошев (1948 г.) е магистер по економски науки; од 1974 до 1986 врши повеќе функции во Сојузот на синдикатите на Македонија, вклучително и член на највисокото синдикално раководство. Од 1986 до 1991 г. е член на Претседателството на ЦК СКМ; а во последните две и претседател на Партијата под чие водство е трансформирана во Социјалдемократски сојуз. Од 1991 до 2002 г. трипати е избиран за член на Собранието на РМ. Во 1991, непосредно пред распадот на СФРЈ, е шеф и на делегацијата во Соборот на републиките и покраините во Собранието на СФРЈ, истовремено и претседател на неговиот Одбор за кредитно монетарна политика. Од 1992 до 1997 е член на Советот на НБРМ. Од ноември 2002 до ноември 2003 г. ја врши должноста министер за финансии и заменик претседател на Владата на РМ, а од мај 2004 до мај 2011 г. е гувернер на НБРМ. Автор на бројни статии, анализи и колумни, поврзани со општествено-економската и политичката состојба во Македонија и бившата СФРЈ. Епидемија на лагата е трета негова книга, а објавена е со финансиска поддршка од „Комерцијална банка“.

Сподели