„Да создаваме магија“: Подарете нешто што ќе се памети цел живот

Сите изданија се внимателно планирани, секоја точка и симбол имаат некое значење. Во деновите кога сите размислуваат како да ги изненадат своите љубени, ви ги претставуваме производите „Имагинариум“ чии страници се подготвени да се исполнат со нечија приказна

Во време кога се навикнавме на брзи резултати добиени со два-три клика, важно е да креираме нешто свое. Да создаваме магија, вели графичката дизајнерка Катарина Пренда која полека, но сигурно ја развива својата креативна идеја „Имагинариум“. Сите изданија се внимателно планирани, секоја точка и симбол имаат некое значење. Во деновите кога сите размислуваат како да ги изненадат своите љубени, ви ги претставуваме производите „Имагинариум“ чии страници се подготвени да се исполнат со нечија приказна.

Катарина Пренда

– Моментално Имагинариум производите можат да се најдат во Скопје и во Гевгелија, но секако се работи на проширување на оваа мрежа низ цела Македонија. Во Скопје соработуваме со книжарниците Литература.мк во трговските центри Сити мол, Ист гејт мол и Дајмонд мол, како и во книжарницата Чудна шума, а во Гевгелија со книжарницата The Book Shop – вели Пренда.

Веќе две години Вашите производи се присутни на пазарот. Како дојдовте до идеја да создадете ваков производ?

– Приказната почна кога побарав кај нас bullet journal. Кога не можев да најдам ништо што ми одговара решив самата да го направам. Зошто да не? Веќе долги години работев како графички дизајнер па полека почнав да ја разработувам идејата и брендот кој потенцијално би се создал. Естетските и технички детали беа особено важни за финалниот производ да биде квалитетен, привлечен за употреба, достапен, но и најважно магичен :).

По успешното лансирање на bullet journals следуваа првите планери (кои веќе го имаат и своето второ издание), а потоа и дневниците на среќа. Пред секој производ да биде пуштен во производство се прават безброј скици и комбинации, па затоа немаме нови изданија многу често. Осмислувањето и процесот на дизајнот е доста забавен, проследен со истражувања и тестирања. Секој елемент внимателно се одбира и има своја приказна и значење. Во време кога онланј ни е достапно сè и се навикнавме на брзи резултати добиени со два-три клика, важно е да креираме нешто свое па сите симболи кои ги користиме се оригинални и рачно дизајнирани специјално за нашите потреби.

Палетата на производи веќе е проширена, не се само „на хартија“. Каков е интересот за нив, што најмногу се купува?

– Покрај bullet journals, дневниците на среќа и планерите сега имаме и торби од рециклиран памук и метални емајлирани беџови. Идејата од самиот почеток беше да се креираат различни линии на производи кои ќе произлезат од Имагинариум дизајните.

За секој треба да има по нешто. Најчесто фактор при изборот е содржината, но неретко е и цената. Вака со поголема палета на производи секој што ќе го посети нашиот профил може да најде што му одговара па со радост можам да кажам дека сите производи се бараат подеднакво.

Каде би сакале да ја видите линијата Imaginarium Journals за десетина години?

Идеи и желби имам во изобилие. Но, најважно за почеток се да продолжиме да креираме нови и оригинални производи, да шириме магија, но и да ги пласираме Имагинариум надвор од државата.

Кај нас луѓето покажуваат неизмерна поддршка и љубов за малите локални бизниси и секоја година интересот е се’ поголем, но сепак Македонија е мал и ограничен пазар. Се трудиме Имагинариум производите наскоро да бидат достапни насекаде.

Сподели