Изданијата не се само планери и тефтери, туку нешто многу повеќе – дневник, потсетник, место за инспирација, за скицирање и цртање, каде ќе си го планирате времето – вели графичката дизајнерка Катарина Пренда.
Што ќе направиш со времето што ти е дадено? Од ова прашање тргна креативната графичка дизајнерка Катарина Пренда и го создаде брендот Imaginarium Journals. Изданијата не се само планери и тефтери, туку нешто многу повеќе – дневник, потсетник, место за инспирација, за скицирање и цртање, каде ќе си го планирате времето, ќе меморирате нешто што ви оставило впачаток во денот, во животот. Поаѓајќи од фактот дека не секој ја планира годината од 1 јануари, Пренда умешно ги избегнала датумите и го направила изданието безвременско. Со неа разговараме за идејата, каква е понудата на пазарот, каде може да се набават производите.
Imaginarium Journals има корица како да е излезена од волшебните светови на Толкин… Како се роди идејата за еден ваков производ?
– Подолго време кај нас барав bullet journal и кога не можев да најдам ништо што ми одовара решив самата да го направам. Bullet journal е вид на дневник кој наместо линии има шема од точки и не служи само за пишување, туку и за цртање и секаков вид на визуелно изразување. Во истиот момент почнав да ја разработувам идејата и брендот кој потенцијално би се создал, како и сите естетски и технички детали кои беа важни за финалниот производ да биде квалитетен и привлечен за употреба. Направив безброј скици и комбинации. Секоја линија е своја приказна која на крај доби живот. Сакав Imaginarium да изгледа како да е еден мал посебен свет, да инспирира и да е место каде што секој може слободно да создава. Тоа беше рецептот за корицата – малку мистика, малку имагинација и многу љубов. Откако публиката се запозна со Imaginarium следеше лавина од позитивни коментари, но и побарувачка за годишни планери. Осмислувањето и процесот на дизајнот беше доста забавен, проследен со истражувања и тестирања. Во планерите главната улога ја игра времето, па затоа е тука и прашањето: Што ќе направиш со времето што ти е дадено? Планерите ни се за поширока публика, па затоа и изборот на бои на корица е поголем.
Објаснете ни го концептот на планерот, што сè содржи, како се планирани/поделени содржините?
– Планерот е идеален не само за тие што сакаат да останат организирани, туку и за сите што сакаат да ги забележат малите битни нешта во животот. За почеток организиран е по недели, без датуми и години. Не секој од нас е спремен да почне со пишување и планирање на 1 јануари. Зошто дел од планерот да остане неискористен ако се подари или купи подоцна во годината? Вака се ослободуваме од притисокот и останува само уживањето во користењето. Освен стандардниот дневен распоред, во планерите има секции за здрав живот, белешки, неделни цели, позитивни моменти, научени лекции и секако дел за креативно изразување.
Колку се достапни вакви производи на домашниот пазар, а каква е ситуацијата во регионот и во странство?
– Кај нас овој вид производи се доста застапени и палетата расте од ден на ден. Ова е одлична вест. Како потрошувач сметам дека секогаш е подобро да се има избор со што шансите да се најде идеалниот производ за нас се поголеми. Од друга страна, од аспект на дизајнер, започнувањето на сопствен мал бизнис е единствениот начин да создадеме свет во кој сами ќе ги поставиме правилата и ќе понудиме производ кој ја отсликува нашата естетика. Тоа е предизвик и бара голема посветеност, но секој вложен момент вреди бидејќи се враќа во форма на позитивни рекации и коментари. Се надевам дека сè повеќе дизајнери и креативци ќе се решат на овој чекор и ќе нè почестат со своите одлични идеи и изработки.
Каков е интересот за планерите, особено пред Нова година?
– Интересот, кој на мое пријатно изненадување беше голем уште од почетокот, дефинитиво се зголеми во овој претпразничен период. Планерите најчесто се бараат за наменски подароци, додека тефтерите, кои даваат поголема слобода на изразување, се купуваат за лична употреба.
Каде и како може да се набават производите од Imaginarium Journals?
– Овие производи можат да се нарачаат преку инстаграм и фејсбук-профилите на Imaginarium journals. Секој месец 10% од заработката се донира за хранa и лекови за бездомни животни, а од ноември и декември за новогодишни пакетчиња за деца од социјално загрозени семејства. За крај, би сакала да се заблагодарам за поддршката и на сите кои помогнаа оваа приказна да расте и да се развива.