УКИМ си ги бара своите 25 отсто: „Државата не ги почитува актите што сама ги носи“

Вкупно 34 претставници на Управата, предводени од ректорката, проректорите, деканите и директорите на институтите во рамките на УКИМ го потпишаа соопштението и бараат итна средба со техничкиот премиер Талат Џафери

Државата не ги почитува актите што сама ги носи, е еден од заклучоците на Ректорската управа која вчера одржа вонредна седница на која се расправаше за Колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј во Скопје. Вкупно 34 претставници на Управата, предводени од ректорката, проректорите, деканите и директорите на институтите во рамките на УКИМ го потпишаа соопштението и бараат итна средба со техничкиот премиер Талат Џафери.

Тој како претседател на Собранието, во својство на овластено лице од основачот на Универзитетот и претседателот на Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ, проф. д-р Ангел Ристов, кон крајот на 2022 година го потпишаа колективниот поединечен договор кој предвидуваше платите на вработените во Универзитетот да бидат зголемени за 25 отсто на почетокот на оваа година, и дополнителни 25 отсто во 2025.

– Колективниот договор на УКИМ е на сила, во правниот промет се применува од 1 јануари 2024 година. Тој не е откажан, ниту укинат или поништен, и е задолжителен за работодавачот и работниците во чие име е склучен – соопшти Ректорската управа.

Тие констатираа дека се целосно неосновани и незаконски наводите на Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, во врска со полноважноста на поединечниот Колективен договор на УКИМ, со незаконско тврдење дека не е регистриран во Регистарот на колективни договори, кој го води МТСП.

– Според член 231, став 1 од Законот за работните односи, регистрирање е задолжително за општи и гранкови колективни договори, а не и за поединечни колективни договори, каков што е Колективниот договор на УКИМ, за кои според став 3 од истиот член е потребно само известување до Министерството за труд и социјална политика. Државата не ги почитува актите кои таа сама ги носи, што е во спротивност со принципите на владеење на правото и правната сигурност – заклучи Ректорската управа и потенцира дека вработените на Универзитетот и Синдикатот ќе преземат соодветни мерки за заштита и остварување на своите права, загарантирани со Уставот и законите.

Со договорот што го потшишаа Џафери и Ристов беа уредени поблиску правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот, обемот и начинот на остварување на правата, обврските и другите прашања од интерес на работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови. Од Соббранието тогаш сооптија дека потпишувањето на договорот е резултат на повеќе од двегодишна борба и заложби на Синдикатот за подобрување на материјалната состојба на наставниот и ненаставниот кадар на најстариот универзитет во земјава.

„Се прифатија заложбите врз основа на кои во 2024 и 2025 година ќе дојде до значително покачување на платите на вработените во Универзитетот, со што ќе се придонесе за поквалитетен развој на науката и на високото образование, сѐ во интерес на студентите и државата“, соопшти тогаш Собранието.

За Сојузот на синдикати на Универзитетот тоа беше исориски чин затоа што првпат се потпишува ваков договор помеѓу институција од високото образование и македонскиот законодавен дом.

Сподели