Замислете ја пожртвуваноста на Хаџиманов во 1963-та кога тргнува по скопските гробишта за да ги зачува тажаленките

Тажачките песни се исклучително важни за националната фолклористика и културна меморија, но важни се и заради секоја жртва, заради сите преживеани, заради сите наредни генерации на скопјани. Сакавме да го реактуализираме скопскиот земјотрес и да изградиме постмемориски и трансгенерациски мост и трансмисија на траумата, објаснува Мартиноска.

Пред неколку години имав прилика да промовирам монографија за црногорските тажаленки и размислував дека ние немаме слично издание, напротив дека тажачките песни се еден од најмалку објавуваниот и истражуваниот жанр во македонската, но и балканската фолклористика. При тоа кај проф. Пенушлиски ја прочитав информацијата за собраните, а необјавени тажачки песни од Васил Хаџиманов и тоа ми се стори како приоритетна фолклористичка задача, провокативна заради тематиката на скопскиот земјотрес како значаен момент од културната меморија на Скопје, но и заради спецификата на жанрот и табу темата на смртта, како и поради фактот дека овие материјали биле необјавени 60 години, вака започнала приказната за создавањето на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ на авторите Ана Мартиноска и Жарко Иванов, чија промоција ќе биде вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар во Скопје.

Гостин на промоцијата ќе биде Васил Хаџиманов внукот, кој даде голема поддршка на проектот. Ќе настапи и Вера Милошевска. Тие ќе му дадат значење на проектот со тоа што ќе се вклучат во промоцијата, а нас тоа особено не’ радува, велат авторите.

Можноста да се зафатиме со оваа тема ја споменавме уште на една од првите работни средби која ја имавме во рамки на Одделението за македонска народна книжевност во Институтот за македонска литература, кога размислувавме за насоките во кои би сакале да се одвива нашата заедничка работа, објаснува Иванов.

-И веднаш утредента се фрливме во потрага по тие материјали. Нашата научна провокација растеше со секое ново откритие, со секоја пронајдена лента, свеска или мелограм, со секоја следна фаза на истражување – од дигитализација, транскрипција, потоа споредбено расчитување, сообразување и на крајот толкување на тажаленките. И во контекст на второто прашање, во македонската наука има фолклористи кои пишувале за тажаленките генерално – Пенушлиски, Китевски, Татаровска, Саздов, Ристовски, и нивните истражувања се систематизирани во оваа монографија, но нашиот научен прилог е особено насочен кон толкување на конкретниот фонд на тажаленките на Хаџиманов, кој по број двојно ги надминува сите претходно објавени македонски тажачки песни од сите собирачи заедно – вели Иванов.

Интересно е што 60 години никој не им се осврнал на овие материјали. Почнал да ги обработува Васил Хаџиманов, истакнатиот етномузиколог, но неговата здравствена состојба се влошила, а според негови изјави, предизвикана од стресот на овој негов потфат, вели Мартиноска.

– Материјалите биле чувани кај неговото семејство, за потоа неговиот син Зафир да ги подари на МАНУ, каде е оформен посебен Легат со огромен број инструменти, мелограми, разни нотни записи, лични предмети и белешки. Таму ги пронајдовме овие над 200 тажаленки објавени во нашата монографија, но таму има и уште многу, многу други материјали со кои ние планираме и натаму да се бавиме. Поради комплексноста и долготрајноста на истражувачките процеси, би било добро за следните проекти да можеме да оформиме поголем тим на соработници, но со оглед на тоа дека ние работевме исклучиво волонтерски, можеме само да се надеваме дека нашите резултати ќе поттикнат поддршка од релевантните институции или поединци – објаснува Мартиноска.

Нејзиниот колега Иванов потсетува дека единствен пред нив за овој фонд бил заинтересиран проф. Ѓорѓи Ѓоргиев, кој е автор на досега единствената објавена книга од овој корпус со биографија на Хаџиманов. Но, како што самиот објаснува, тажните и морничави содржини на стиховите на тажачките песни се одразиле врз неговите чувства, па тој наполно се откажал од нивно натамошно преслушување. Колку што знаеме, досега никој не се нафатил на научно проследување на овие тажаленки,  веројатно заради морничавоста на темата, но и затоа што се сметало дека тажачките песни не се доволно интересни од музиколошки аспект“.

Авторите потврдуваат дека нивната соработка била одлична, не само затоа што се колеги на Институтот за македонска литература.

– Минуваме долги работни часови во пријатна и би рекла пријателска атмосфера, туку и затоа што извонредно се надополнуваме во нашите афинитети и способности. На почетокот направивме груба поделба на обврските, но како напредуваше истражувањето, сè почесто работевме заедно, буквално седнати еден до друг, на едно биро со два компјутери, гласно преслушувајќи ги аудиоматеријалите и потоа преслушувајќи се себеси и нашите заклучоци – вели Мартиноска.

Станува збор за исклучителен потфат на Хаџиманов, можеби единствен од овој вид во светски рамки.

– Замислете ја научната пожртвуваност на еден човек во 1963 година, кој со мали технички можности, но со јасна свест за важноста од зачувување на овие песни во меморијата на македонскиот народ, тргнува по скопските гробишта – вели Мартиноска.

На прашањето на кои моменти занемувале обработувајќи ги материјалите, Иванов вели дека „честопати буквално занемувавме пред емоциите на личните судбини, соочени со семејните приказни на преживаените роднини, со интензитетот на тагата заради загубата на деца, брачни партнери, други блиски и болката затоа што животот мора да се продолжи со дупка во срцата без нив“.

На прашањето дали тажачките песни од скопскиот земјотрес се разликувале многу од претходно, од тажачките песни специфични за скопскиот регион, авторите на книгата увиделе дека претходно, во пеењето покрај жените во семејството, учествувале и

професионални пејачки, вешти жени од селото/градот кои ги водат ритуалите на погребувањето.

-Тие користат типични почетоци и завршетоци на песните, рефрени, извици, лелеци итн. Во тажачките песни од земјотресот, сите тие структурно-стилистики елементи ги има, но заради специфичните околности на колективна трагедија импровизацијата е уште поочигледна. Тажаленките се испеани во растревожена емотивна состојба заради противприродната смрт, тие се лично обоени, но сепак ги почитуваат правилата и востановените матрици на градење на овие народни песни. Несомнено најголемата разлика е во тематската основа, па имаме песни со мотиви за барање на жртви под урнатините, за потресни призори на осакатени тела, за куќите во пламен и пепел итн., додека останатите елементи од песните и мелодиски и композициски и стилистички и симболички се во духот на традиционалната тажачка песна на македонскиот народ – објаснува Иванов.

Тажачките песни од скопскиот земјотрес се исклучително важни за националната фолклористика и културна меморија, но важни се и заради секоја жртва, заради сите преживеани, заради сите наредни генерации на скопјани. Сакавме да го реактуализираме скопскиот земјотрес и да изградиме постмемориски и трансгенерациски мост и трансмисија на траумата, објаснува Мартиноска.

-При тоа најголемиот предизвик секако беше психолошкиот притисок од двегодишното секојдневно соочување со темата на смртта, но навистина верувавме во проектот, во величината на потфатот на Васил Хаџиманов и неговата животна мисија покрај со музика, да се бави и со етнолошко-музиколошки истражувања и интензивна собирачка дејност од преку 8000 народни песни и ора. За паралела тоа е опус колку десетина Зборници на Миладиновци, тоа е обемно и непроценливо културно богатство кое ни труне во заборав – вели Мартиноска.

Сподели