ПИСА: Само 10 земји се зад нас според јазичната писменост на нашите 15-годишници

Македонија се најде на 71. место (389 поени) при мерењето на јазичната писменост, односно само десет земји се зад нас на листата што денеска ја објави Организацијата за европска соработка и развој (ОЕЦД), а беше спроведена во 2022 година. Од 81 држава, во однос на резултатите по математика, македонските 15-годишници го освоиле 61 место (359 поени), додека по природни науки – со постигнати 380 поени, сме рангирани на 68. место. Од земјите во регионот, Хрватска и Србија котираат на првите 10 места.

Во април и мај минатата година беа опфатени 6610 ученици од 111 средни училишта, каде во зависност од големината, се тестираа од 35 до 155 ученици на македонски и албански јазик. Реализатор на студијата кај нас е Државниот испитен центар.


Со минимална разлика, резултатите за Македонија го задржуваат нивото кое беше измерено во 2018 година. Резултатите ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики.

ПИСА е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое ја мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Задачите во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците и преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање проблеми.

Општ заклучок е дека поради ковид-пандемијата, на светски рамки има опаѓање на успехот на учениците.

ПИСА тестирањето за прв пат кај нас се реализираше електронски, а ОЕЦД даде висока оценка која ја потврдува техничката подготвеност на Македонија и беспрекорноста на спроведувањето, што не е случај во 20% од земјите учеснички во кои не беше запазен барем еден од стандардите на изведување на тестирањето.

Ова е четврто наше учество на ПИСА, преку Министерството за образование и наука. Претходно бевме дел од студиите во 2000, 2015 и 2018 година

Сподели