Сага за црквата „Св. Богородица Перивлепта“

Откривањето на живописот, заедно со имињата на зографите Михајло и Евтихиј претставувааше вистинска сензација, која предизвика голем интерес кај историчарте на уметноста. Ова пред сè заради исклучителната ликовна вредност со посебни стилски особености кои го навестија новиот стилски правец, денес познат како „ренесанса на Палеолозите“

Пишува: Донка Барџиева-Трајковска, претседателка на Центарот за културно наследство

Текстот за црквата „Св. Богородица Перивлепта“ („Св. Климент“) го пишував вчера, на празникот Воведение Богородичино, познат и како Пречиста. Воведението Богородичино е насликано во многу средновековни цркви, вклучително и во Перивлепта. На ова извонредно ликовно остварување, дело на познатите мајстори Михајло и Евтихиј (1295 г.), видливи се значителни оштетувања од наталожени калцифицирани соли. Тие, како скрама ја замаглуваат сцената и ја намалуваат видливоста на прекрасните ликови на св. Јоаким и св. Ана, родителите на Богородица и на девојките кои ја придружуваат при воведувањето во храмот.

Воведение на Пресвета Богородица во храм, црква „Св. Богородица Перивлепта“ (состојба 2012 г.)

Тоа ме потсети на педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, кога се извршени првите конзерваторски зафати, кои од проучувачите се нарекуваат какао „херојско време на нашата заштита“ (Цветан Грозданов, „Студии за охридскиот живопис“). Големите конзерваторски зафати се реализирани од страна на Централниот/Републички завод за заштита на споменици на културата, во соработка со Сојузниот институт за заштита. Центарот на овие зафати е градот Охрид, каде во1950-1956 година е откриен живописот во црквата „Св. Софија“, а паралелно, во 1950-61 година се одвиваат работите на чистење на живопиост во црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Во летото 1950 година беше извршено чистење на исчадените фрески и откриен значителен дел од живописот во црквата. Откривањето на живописот, заедно со имињата на зографите Михајло и Евтихиј претставувааше вистинска сензација, која предизвика голем интерес кај историчарте на уметноста. Ова пред сè заради исклучителната ликовна вредност со посебни стилски особености кои го навестија новиот стилски правец, денес познат како „ренесанса на Палеолозите“. Егзалтацијата од големината на откритието е главната придружна нота на првите објавени текстови кај нас, која дополнително го зголеми интересот на меѓународната научна јавност, за овој по многу нешта исклучителен споменик.

Имено, одлично сочуваните ликови изработени со препознатлива зографска постапка и стилско-иконографски приод, предизвикаа посебно внимание на 11. Византолошки конгрес кој се одржа во Минхен во 1958 година. Голема заслуга во проучувањето на уметноста на Палеолозите има познатиот Ото Демус, кој на овој конгрес учествуваше со реферат посветен на новиот стилски правец за прв пат воведен токму во сликаната програма на црквата „Св. Богородица Перивлепта“, првото дело на зографите Михајло и Евтихиј. Воведниот реферат на Ото Демус, одличниот познавач на стилските движења во 13 и 14 век, ќе биде во фокусот на интерес и на 12. Византолошки конгрес кој се одржа во Охрид во 1961 година. За проучувачите на уметноста од времето на Палеолозите, Ото Демус ќе остане трајно запаметен по изразот „херојски стил“ кој го употреби при дефинирањето на живописот во Перивлепта.

Св. Климент Охридски (Фото: Ц. Грозданов, „Студии за охридскиот живопис“)

Овој краток вовед, има за цел само да го навести повеќеслојното значење на овој споменик кој од педесеттите години на минатиот век сè до денес, постојано го привлекува вниманието на проучувачите на византиската уметност. Неговите вредности како градба, но пред сè како живопис, со сите карактеристики истакнати во воведот, го прави овој споменик единствен и неповторлив. Како таков, бара постојана грижа и посебен пристап, затоа што Перивлепта е во Охрид, но нејзините вредности по своето значење ги надминуваат границите на православната екумена. За тоа беа свесни првите конзерватори кои со голема внимателност и претпазливост се однесуваа кон споменикот. Имено, уште од самиот почеток на конзервацијата кај нас, главниот предмет на интерес претставува живописот во византиските цркви чие откривање (чистење од наталожени слоеви на чад и преслики) оди заедно со неговата промоција во светот. За реализација на оваа програма, веднаш по основањето на Централниот завод за заштита на споменици на културата, заедно со претставници од Сојузниот институт за заштита отпочнаа припремите за големата изложба посветена на средновековната уметност на народите на Југославија во Париз, во палатата Шајо (1950 г.). На отварањето, комесарот на изложбата, Мирослав Крлежа, во својот реферат веќе говори за „нашата средновековна уметност со сопствени творечки импулси која поседува уметнички специфики со светски дострел“. Токму овој негов став е клучната поента која на сојузно ниво го одреди и пристапот на конзервацијата и реставрзацијата на византиските цркви. Имено, првите конзерватори се раководеа од посебностите на средновековнта уметност кај нас „која поседува уметнички специфики со светски дострел.“ Од тие причини ги решаваа проблемите со продор на влага со постојано одржување и промена на покривните ќерамиди, почитувајќи ја затекнатата вредност како целина.

Црква „Св. Богородица Перивлепта“ („Св. Климент“) во процес на прередување ќерамиди на јужниот параклис 1950-1959 г. (ИНДОК центар, НУ-Национален конзерваторски центар, Скопје)

Бидејќи во такви услови црквата опстојувала цели седум века, и продолжи да опстојува до осумдесеттите години на минатиот век, кога авторскиот приод станува доминантен, а состојбата на живописот драстично се влошува.

Насловна фотографија: „Св. Богородица Перивлепта“ („Св. Климент“) во фаза на реализација на конзерваторските работи 1950-1959г.(ИНДОК центар НУ-Национален конзерваторски центар, Скопје)

Сподели