Требениште и неговите раскошни наоди во 21 век добиваат нова димензија (ГАЛЕРИЈА)

Ексклузивната изложба „105 години Требениште“ синоќа беше отворена во Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија. Изложбата која првенствено беше отворена во Скопје, во 2025 година ќе биде отворена во Балград, а ја организираат Археолошкиот музеј од Скопје и Заводот и музеј од Охрид, Националниот археолошки институт и музеј при БАН од Софија и Народниот музеј од Белград. На отворањето присуствуваа функционери и претставници од институциите на трите држави.

Директорката на Археолошкиот музеј од Скопје, д-р Славица Бабамова рече:
– Требениште и неговите раскошни наоди во 21 век добија нова димензија: станаа предизвик за заедничка врвна професионална работа и симбол за заедничка цел за реализација на оваа изложба од страна на музеите во Софија, Белград и Скопје. Во овие години Требениште стана показател за успешен меѓународен проект, за чија реализација се потребни огромен ентузијазам, меѓусебно разбирање, знаење и посветеност на професионалците од трите соседни балкански држави – рече таа.

Златните маски од Требенеште и стотината непроценливи артефакти кои говорат за аристократијата во 6 и 5 век пред нашата ера на крајбрежјето на Охридското Езеро, по изложбата во Белград во 2025 година ќе бидат изложени во повеќе европски градови.

Фото: Министерство за култура

Сподели