Господарка на кучињата и војничка иницијација во архајско Требениште

Истоимениот научен труд неодамна е објавен на англиски јазик во Весникот на Археолошкиот музеј во Загреб под наслов: The Mistress of Dogs and Warrior Initiation at Archaic Trebenishte, In: Vjesnik Arheološkog muzeja u Zagrebu, Vol. 55, No. 2, Zagreb 2022, 215-229.

Пишува: Игор Ефтимовски, докторанд по археологија на Филозофскиот факултет во Скопје

Трудот „Господарка на кучињата и војничка иницијација во архајско Требениште“ се осврнува на еден исклучителен наод од архајската некропола во Требениште кај Охрид, која што претставува една од најважните од својот вид на Балканот, а главно е позната по богатите погребувања на поединци со висок статус пред 2500 години.

Во еден од нив кој му припаѓал на машки покојник, нумериран како Гроб 8, бил положен луксузен комплет на бронзен пехар од типот кратер и триножец, заедно со други мошне вредни предмети (златна маска, воена опрема, садови и накит од вредни метали). Притоа, на триножецот е претставена необична иконографска композиција составена од женскиот митски лик Горгона во придружба на две кучешки фигури кои се поставени лево и десно од неа. Оваа композиција во трудот беше условно наречена „Господарка на кучињата“.

Игор Ефтимовски

Главните три прашања кои ги беа поставени трудот се: Што значела оваа слика? Зошто се нашла на триножецот? Зошто овој предмет бил положен во гробот на токму тој покојник?

Потрагата по одговорите на овие прашања нé одведоа во светот на симболите, архетиповите и старите индоевропски традиции на длабоката предисторија. Анализирајќи го симболичкото значење на „Господарката на кучињата“ и на кучешките фигури како карактеристичен елемент на оваа композиција, во рамките на специфичниот археолошки контекст во кој се нашле, дојдовме до следните заклучоци:

– „Господарката на кучињата“ т.е. Горгона, во специфичниот контекст на триножецот, веројатно се сметала за митски лик со двојна природа кој што претседавал со преминувањето на симболичните граници, како на пример во ритуалите на иницијација;

– кучешките фигури биле перципирани како симболично лиминални животни кои имале способност да ги преминуваат духовните граници, при што во индоевропските ритуали на иницијација тие често служеле како симболички еквиваленти или водичи на оној што поминувал низ таа иницијација, обично машки адолесценти;

– таквите иницијаторски обреди често вклучувале ритуална гозба или консумирање на „свет пијалок“ со психоактивни состојки, што би објаснило зошто „Господарката на кучињата“ била поставена на триножец кој поддржувал голем луксузен пехар;

– депонирањето на комплементарниот комплет на триножец и пехар со ваква иконографија во гробот на високо рангирана машка личност со војнички идентитет, би можело да укажува дека тој бил оној кој што физички претседавал со ритуалот на иницијација.

Гроб 8 изложен во Народниот музеј во Белград

Сосема сме свесни дека овие заклучоци, без оглед на тоа колку компаративни докази ќе прикажеме во прилог на нив, може засекогаш да останат втемелени во сферата на шпекулативното. Сепак, тие отвораат нова перспектива (и се надеваме дискусии!) за културните карактеристики и вредности на архајските заедници на Македонија и Централниот Балкан, можеби како дел од пошироките индоевропски традиции на „Männerbünde“ („Машки дружини“).

Тука говориме за ритуалите на иницијација во машки воени дружини, кои врз себе преземале симболички идентитет на глутница диви кучиња или волци. Притоа, ваквите ритуали често вклучувале консумација на психоактивни пијалаци, жртвување на кучиња, па дури и јадење на кучешко месо. Ритуали со ваков карактер се забележани во древните традиции на луѓето од Скандинавија, Италија, Балканот, Источна Европа, па дури до Иран и Индија.

Детал од триножецот

Археолошки сведоштва за жртвување на кучиња имаме на повеќе локалитети во географскиот регион Македонија, вклучувајќи ги Билазора кај Свети Николе, Скопско Кале, Тумба Кастанас кај Солун и Совјан кај Корча. Жртвувањето на кучиња во античката македонска културна сфера е посведочено и во историските извори и тоа како ритуал за прочистување на војската на почетокот од новата „воена сезона“. Впрочем, активности кои вклучувале насилство врз кучиња опстоиле на Балканот и во Македонија сé до модерниот фолклор, и тоа во традиции поврзани со одбележувањето на Стара Нова Година.

Ваквите ритуали се обележје на едно немилосрдно време чии културни вредности може да ни се чинат толку туѓи, чудни и далечни. Меѓутоа, ние не треба тогашните луѓе да ги судиме од наша денешна перспектива, туку да се обидеме да ги разбереме. На тој начин ќе навлеземе подлабоко во тајните на човековиот ум, истражувајќи како тој создава симболи и како перцепира значење – тогаш и денес.

Кратерот кој е дел од поставката во Народниот музеј во Белград

Во една прилика, англискиот археолог Џон Роб со право има поставено едно реторичко прашање од клучно значење за археолошката наука: „На многу начини, прашањето не е дали археолошки можеме да најдеме симболи, туку дали воопшто можеме да најдеме нешто културно, а тоа да не биде симболичко“.

Она што нé учи требенишкиот пример е дека човекот е комплексно битие кое ги обединува божественото и ѕверското: две во едно, едно со многу лица. А, ние никогаш не сме далеку да ја преминеме таа граница.
„Лицем светци, срцем в’лци!“ – што би рекол Прличев.

Линк до целиот текст: https://hrcak.srce.hr/file/421511

Насловна фотографија: Археолошки музеј во Скопје
Фото: Игор Ефтимовски

Сподели