Идејата е плод на желбата да го запреме итањето на времето во кое живееме и преку издвоени моменти да направиме ретроспекција на она што јас и една голема група на луѓе сме го сработиле во изминатите пет години – вели фотографот Диоген Хаџи-Коста Милевски од Битола
Изложбата „Фестивалска диоптрија“ е изложба на авторот Диоген Хаџи-Коста Милевски, што по повод 43. роденден на Центарот за култура во Битола, ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот. Првата самостојна изложба на овој буден проследувач на многу манифестации и фестивали во Битола, се состои од избрани фотографии од фестивали кои се одржале во Битола во изминатите пет години, а на кои тој се јавува како официјален фотограф. Браќа Манаки, Илинденски денови, Интернационалниот фестивал на монодрама и Фестивалот на музика од светот беа настаните од кои беше направена најтесна селекција од 25 фотографии преку кои авторот ни открива фрагменти од многубројните настани запишани со светлината преку неговиот фотообјектив.

Низ играта со перспективите, светлината и темнината, подредени во функција на неговиот фотографски стил кој изобилува со вибрантна боја, тој создава уметност како сведоштво за минатото, но и инспирација за иднината.
Проектот се реализира со поддршка на Министерството за култура, како проект од значење за културата за 2023 во партнерство со Центарот за култура и Центарот за европски развој и интеграција од Битола.
Како дојдовте до идејата за изложбата?
– Оваа изложба е плод на мојата работа како фотограф на дел од фестивалите кои се фокусните точки на културниот живот во Битола, а некои од нив и во Македонија и пошироко. Идејата е плод на желбата да го запреме итањето на времето во кое живееме и преку издвоени моменти да направиме ретроспекција на она што јас и една голема група на луѓе сме го сработиле во изминатите пет години. Оваа изложба е еден вид вовед во она што се надевам дека ќе следува во годините пред нас, а тоа се одвоени изложби за секој од фестивалите кои на симболичен начин се опфатени со оваа изложба.

Сигурно не беше едноставно да се направи селекцијата. По што се водевте во изборот на фотографиите, што ги обединува?
– Првичнaта селекција содржeше 420 фотографии подредени во 20 папки, по една за секоја од годините на фестивалот кои сум ги фотографирал. Оваа селекција успеав да ја сведам на 155 фотографии врз основа на критериумите за квалитет на фотографиите и значeње на нивната содржина. Од овој момент па натаму она што го имаме како конечна селекција од 25 фотографии е пресек на индивидуалната оценка и избор на 5 луѓе чии мислења за мене беа од непроценливо значење. Тоа беа фотографите Димитар Чунговски и Дражан Брачиќ, продуцентот Илија Тирицовски, режисерот Војо Љ. Цветановски и актерката и директорка на Центарот за култура, Маја Андоновска Илијевски. Тие добија задача да направат избор од 25 фотографии така што за секоја година на фестивалите да има по една фотографија. Онаму каде што пресекот беа две фотографии, а тоа се само неколку години, изработени се по две фотографии, така што дојдовме до бројката 25.
Имате ли вие омилена манифестација или фестивал што се случува во Битола, што ви е посебно инспиративна за фотографирање?
-Моја омилена манифестација, а воедно и манифестација која ми е најголем предизвик е Меѓународниот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“. Секоја година овој фестивал ја претвора Битола во светска сцена на која дефилираат фолклорни групи од целиот свет кои со себе ги носат боите, кореографиите и енергијата на народите и државите од кои доаѓаат. Целиот град е буквално една голема сцена и каде и да погледнете има кадар што вреди да се фотографира… Нема сценарио, нема најава, нема проба или репетиција….. сè оди во живо само еднаш и никогаш повеќе. Тоа е состојба во која ве движи адреналинот од ловот на совршениот момент.

Каков е интересот на младите за фотографија? Неодамна ја отворивте изложбата „Со љубов за Битола“.
-Битола како град на Јанаки и Милтон, кои пред се биле фотографи, има со што да се пофали. Младите полека, но сигурно, почнуваат да ја користат фотографијата како медиум за изразување на нивните ставови за се она што се случува околу нив, но и со нив. Преку проектите кои ги реализираме со повеќе организации во текот на целата година, а еден од нив е и изложбата „Со љубов за Битола“, создаваме простор во кој талентираните млади луѓе ги прават своите први чекори како фотографи. За најголем дел од нив фотографијата веројатно ќе остане хоби, но дел од нив преку оваа промоција стануваат видливи за оние на кои нивниот талент им е доволна причина да им ги понудат нивните први ангажмани, а тоа зборува доволно.
Што е следно? На што сте фокусиран периодов?
До крајот на оваа година останува реализацијата на уште една изложба чиј наслов е Фотоколонија Пелагонија и е збирно дело на околу 20 фотографи кои изминатото лето како дел од истоимениот проект имаа задача да направат свој индивидуален осврт на значајни објекти кои се дел од материјалното- културно наследство од Пелагонискиот регион. Оваа изложба заедно со мултимедијалната презентација на целиот проект ќе биде поставена за публиката во месец ноември, и е проект поддржан од Министерството за култура преку годишната програма за проекти од значење за културата.





