Јас сум им крајно благодарен што можев да соработувам со актерска екипа која вклучува еминентни имиња како Игор Џамбазов, Тони Михајловски, Сенко Велинов, Фирдаус Неби, Мими Таневска, Владо Јовановски и многу други.
Независниот филм, комедијата „Te dua, жими мене“ според сценарио на Никола Кузелов, а во режија на Марјан Гавриловски, утревечер ќе ја има својата премиера во киното „Синеплекс“ во Скопје. Интересната авантура што обединува многу македонски актери ќе биде на репертоар во наредниот период. Режисерот Гавриловски ни раскажува за идејата за филмот, како е да се снима нискобуџетен филм.

Како се роди идејата за „Te dua, жими мене“ и кој се сети за насловот?
– Идејата, како и насловот се на сценаристот Никола Кузелов. Се сеќавам дека еден ден, во 2018, дури тој беше на мастер студии по сценарио ми се јави и возбудено ми ја раскажа идејата за приказната. Во тој момент и двајцата се согласивме дека ова е филм кој порано или подоцна сигурно ќе го направиме. Не помина долго време и на почетокот на 2019 почнавме со разговори, подготовки и Кузелов почна да го пишува сценариото, а во август веќе почнавме со продукција.
Имате собрано импресивна актерска екипа. Како течеа аудициите или како ги избравте актерите?
– Искрено можам да кажам дека имав многу среќа со собирањето на актерската екипа и финализирањето на кастот. Со оглед на тоа дека станува збор за независен филм, морам да признаам дека тргнав да договарам актери со многу поголема скромност, но сепак на крај секој лик го пронајде вистинскиот актер за себе. Покрај Кузелов, вториот актер кој ни се приклучи на проектот беше Атанас Атанасовски, за кој и беше пишуван ликот. Процесот на кастирање на останатите ликови не беше класичен и не траеше долго, така што за релативно краток период успеав да соберам одлична актерска екипа. На сите им се допаѓаше сценариото и веруваа во проектот, па бескомпромисно се вклучија во приказната. Јас сум им крајно благодарен и среќен што можев да соработувам со актерска екипа која вклучува еминентни имиња како Игор Џамбазов, Тони Михајловски, Сенко Велинов, Фирдаус Неби, Мими Таневска, Владо Јовановски и многу други.
Кога се снима филм со мал буџет, неминовно е да се случуваат непредвидени ситуации, грешки, па и смешки. Какво ви беше снимањето, дали се соочувавте со големи проблеми?
– Тоа се ситуации кои во тој момент претставуваат живот или смрт, но подоцна се слатки сеќавања кои се дел од магијата на правење филм. Се разбира дека имаше низа непредвидени ситуации, но јас сум исклучително среќен дека за време на снимањето не наидовме на некоја поголема пречка или проблем кој можеше навистина да ни го отежне патот по кој тргнавме. Сакам да верувам дека ова е среќен филм, па така некако и зад камерата го следеше среќна приказна.

Како реагираат актерите кога ќе им кажете дека би играле во филм со мал буџет?
– Многу човечки! Со секој актер со кој што разговарав му беше кажано дека се работи за независен филм и никој немаше проблем со тоа. Како што веќе споменав, сценариото одигра голема улога, бидејќи на сите им се допаѓаше приказната и беа возбудени за почеток на снимањето. Можам да кажам дека домашните актери сакаат да работат и воопшто не се вообразени и алчни, особено кога станува збор за добар проект. Барем таков беше случајот со моите актери.
На фестивал во Албанија освоивте награда за најдобар филм од публиката. Ви дава ли ветер в грб ваквото признание?
– Секое признание за еден уметник е огромно задоволство и мотивација. Во овој случај станува збор за награда од публиката, што за мене е највисокото признание, бидејќи јас сметам дека примарната цел на филмот е да биде виден. Присуствував на фестивалот и можев да уживам во проекцијата со публиката која одлично го прифати филмот. Секако дека една ваква награда дава ветер во грб, особено кога станува збор за независен филм.

Што ве очекува во наредниот период? Кинодистрибуција? Други фестивали, можеби?
– Наредниот период веројатно ќе се испише сам себе. По премиерата филмот останува на репертоар во „Синеплекс“, а ќе може да се види и во „Милениум“ и во Кинотека. Од 28 септември е на репертоар во киносалите на „Киноверзум“ во Штип и Велес, а на 30-ти – во Охрид. Потоа следуваат проекции во Битола, Свети Николе, Кочани, Прилеп, како и низ останатите градови. Што се однесува до фестивали, ни престои гостување на фестивалот Soundscreen во Италија и уште неколку фестивали од кои чекаме официјална потврда.





