Прва награда за Кристина Краличин на поетски конкурс во Италија

На Меѓународниот конкурс Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia 2022/2023, Кристина Краличин ја освои првата награда со поемата „На работ на хоризонтот“ преведена на италијански јазик (Ai Confini dell’Orizzonte). Во меѓународна категорија, Краличин се издвои меѓу стотици испратени поеми од целиот свет. За изборот ангажирани беа две нивоа на жири-комисии со лингвисти и поети од повеќе земји во светот.

Второто место и припадна на поетеса од Украина, а третото на поет од Белорусија. Меѓу пофалените во оваа категорија на учесници од целиот свет има дела од поети и поетеси од: Бразил, Јужна Кореја, Полска, Албанија, Украина, Зимбабве и Филипини.

Конкурсот е организиран под покровителство на министерот за култура на Италија. Наградите ќе бидат свечено врачени на пролет во Каникати, Сицилија.

Поетскиот конкурс Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia е започнат во 2016 година на иницијатива на порталот Accademia del Parnaso Canicattinese, претставен од Алфонсо Месина, од семејството Ла Векија и во организација на здружението за култура „Мета“, чиј претседател е проф. Калоџеро ла Векија.

Основната цел на конкурсот е да се запамети и да се прослави вклучувањето на познатите книжевници и писатели во редовите на своите членови, како што се: Луиџи Пирандело, Марта Аба, Леонардо Шаша, Бен Газара и други, како и да се потсети на ликот и делото на Анџело Ла Векија (1920-1998), писател, есеист, драматург од Каникати, кој напишал над 70 драми, раскази за деца, критички есеи и историски монографии.

Другата цел за постоењето на овој конкурс е да се шири културата на поезијата која претставува универзален јазик што не познава бариери и граници.

Сподели