Битола подготвена за 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Вкупно 79 филмови, околу 400 гости од кои 160 од странство и 50 ВИП личности ќе бидат дел од 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој задутре ќе почне во Битола. Ќе бидат прикажани извонредни филмови во главната селекција од фестивалоте во Кан, Берлин, Венеција, Карлови Вари, Сан Себастијан. Програмата денеска ја соопшти раководството на фестивалот.

Ова издание на „Браќа Манаки“ навистина е големо. Во годината на пандемијата имавме 150 гости, 20 филмови, двајца добитници и скромен буџет. Наредната година имавме 250 гости, 65 филмови и 37 ноќни забави, а годинава имаме меѓу 350 и 400 гости од кои околу 160 се странски гости. Тоа е огромна бројка. Имаме 79 филмови кои ќе бидат прикажани во киносали и проекции на отворено. Тоа се филмови во кои знаењето и умешноста на кинематограферите доминираат, имаме во оваа селекција врвни кинематографери кои работат во врвни режисери – рече директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски.

Тој информираше дека со македонски филмови ќе биде отворен и затворен фестивалот, а ги претстави и останатите програми од кратката селекција, документарните филмови, студентските филмови, како и филмовите кои публиката ќе може да ги погледне на отворено од своите автомобили.

Ќе се одржи тркалезна маса на шест исклучителни кинематограферки кои ќе проговорат за предизвиците во професијата, Балканска конференција на кинематографери од која ќе произлезе Манифест, потоа сите кино-прикажувачи ќе потпишат меморандум за да се рашири кино-мрежата во Македонија и да се врати публиката во кината. Следува проектот „Наследниците на Манаки“, каде најмалите ќе бидат внесени во светот на филмот, ќе снимаат филмови и ќе ги прават првите чекори во оваа сфера. Годинава и амбасадите на Германија, Франција и Италија организираат вечери на нивната култура поврзани со филмовите кои ќе бидат прикажани на фестивалот и авторите кои ќе бидат наши гости – рече Дамевски.

Содржините на офф-програмата почнуваат утре, еден ден пред официјалното отворање со Филмско кабаре, а нив ги претстави Маја Ангеловска која е координатор на програмата.

Под мотото „На кино, па олабај со Манаки офф“ ќе може да се проследат настаните: Наследниците на Манаки/ Филмско патување низ филмовите на Манаки; филмска работилница со режисерката Марија Џиџева, разговор со Румена Бужаровска (модератор Ана Василева), Aудио презентација – музика за филм во слушачки агол, изложба на фотографии од „Крај Вардарот сесии“, проекција на документарниот филм „Манаки“ во продукција на ОХО, промоција на збирка поезија „Филмски песни“ од Дејан Трајкоски со музика на Браснислав Николов и Гоце Јованоски и многу други.

Годинава, Културниот центар „Магаза“ ќе биде основна точка за комуникација помеѓу битолчани и фестивалот „Браќа Манаки“.

Сподели