Посакувам иднина во која мојата земја ги совладала силите што постојано ја тргаат за ракавот назад

Со оваа поддршка од светот, а со фокусирани сили внатре, ослободени и од (партиското) величење и подгревање на етничкото, гледам слика на мала европска земја, мирна, подисчистена и помалку крадена, со оние нормални тешкотии што ги произведува животот, земја со освестено, просветено граѓанство, како столб што ја крепи куќата, вели Димитар Башевски

„Имам една песна за земјотрес во која велам, ако се зачнало и ако се родило она што било добро да се роди, сега може земјата да се тресе, јас имам столб што ќе ја крепи мојата куќа“, вели Димитар Башевски, новинар, писател, издавач, поет. Наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшки вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија, за делото „Дни, години“ ја дочека во родното Ѓавато. Вели дека токму поради таа привилегија тој сè уште пишува, чита, но и копа, сече, коси, ѕида и се чувствува одлично.

Зад себе Башевски има огромно творештво, повече од 20 објавени романи, стихозбирки, есеи, раскази. Роден е битолското село  Ѓавато, на 27 јуни 1943 година. Завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1969 година. Долги години работел како новинар, уредник и постојан дописник на весникот „Нова Македонија“ од Атина. Бил директор и главен уредник на издавачката куќа „Култура“. Сега е главен уредник на издавачката куќа „Слово“. Член е на Македонскиот ПЕН центар и бил негов претседател од 2000 до 2006 година.

Пред два месеца наполнивте 80 години. Какви размисли претежно Ве окупираат на влезот во деветтата деценија од животот?

– Какви размисли? Па, ете, во доцните години се случува тоа што иднината се скусува, сегашноста се стеснува и, останува минатото како поле на кое најчесто се движите и со кое имате работа. А таму, покрај убавите и успешни денови и години, и часови, имало и настани и доживувања кои не биле баш пријатни, одлуки кои не биле најмудри. А токму тие нешта сега во некои мигови знаат да испливаат во прв план. Јас често го кажувам она на Маргерит Јурсенар кога во „Мемоарите на Хадријан“, Хадријан вели дека кога ќе се сврти наназад, забележува дека први на сцената, многу дрско, стапуваат непријатните нешта. Дури и тоа што бил император, тоа не е она што најпрвин ќе му дојде во сеќавањата, туку брзаат на бината да се качат понепријатните настани и неостварени копнежи.

Димитар Башевски

Во моите размисли не се случува нешто многу поразлично.
Се борам со секакви мисли, но не со мислата за смртта, на пример. Таа ме интересира, но како филозофска и етичка работа. Впрочем, човек не е во состојба, не е просто способен, да ја остави мислата за смртта да се насели во неговата свест. Ако се случи тоа, тогаш тоа е проблем од посебен вид. Моја привилегија е, ако така може да се рече, што до овој момент, јас пишувам, читам, но и копам, сечам, косам, ѕидам, во моето родно место, во Ѓавато (Битола), и тоа што се чувствувам добро, мислам дека се должи и на овие нешта. Имам една песна за земјотрес во која велам, ако се зачнало и ако се родило она што било добро да се роди, сега може земјата да се тресе, јас имам столб што ќе ја крепи мојата куќа.

Како роденденски подарок Ви дојде наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделува фестивалот Струшки вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Како ја доживувате?

– Овие денови често ми се поставува ова прашање. Јас имам и други награди за моите книги и за мојата повеќегодишна дејност, но оваа сега ми е посебнo драга, таа е единствена што ја добивам за поезија. Јас поезија почнав да објавувам релативно доцна. Првата моја книга, краткиот роман „Туѓинец“ беше објавен во 1969 година, а првата книга поезија „Куќата на животот“ дури во 1987, така што вниманието на публиката остана во многу поголема мера свртено кон прозата. Оваа награда е најголема награда кај нас за поезија, таа се доделува веќе шеесет години и ја добиле, значи, голем број македонски поети. Се доделува секоја година за најдобра книга поезија меѓу двете Струги. Тоа е награда на Струшките вечери на поезијата кои се наша книжевна и културна гордост и веќе светско наследство.

Браќата Миладиновци / Фото: СВП

Сите ние се имаме вградено во овој фестивал, кој пoвеќе кој помалку, почнувајќи од онаа постара генерација поети кои во 1961 година ги поставија темелите, а потоа дојдоа подоцнежните генерации, до најмладите кои на фестивалот му даваат посебна свежина. Многу е важно фестивалот да се негува, да се доградува да се поддржува, не само од страна на писателите туку од целото општество и од културната политика на државата која треба да биде соодветна.

Награден сте за стихозбирката „Дни, години“, издание на „Слово“. Критичарите оценуваат дека со ова дело веќе се движите во митовите на зрелоста, што е очекувано за повозрасен писател. Каде интимно, човечки се движевте? Каде ја наоѓавте инспирацијата додека ја пишувавте „Дни, години“?

– Да, оваа моја наградена книга ја објавувам во „зрелата возраст“, како што се вели и, природно е, како што истакнува и еден критичар, да се движам во „митовите на зрелоста, а не во фантазиите на младоста“. Луѓето пошироко најчесто поезијата ја врзуваат за младоста, баш онака, како некакви фантазии и љубови. А поезијата, всушност, како и прозата, ако не и уште повеќе, си го бара она искуство на зрелата возраст.

Ова што го велам всушност и го кажува она за што ме прашувате, дека јас инспирацијата, ако тоа така го нарекуваме, ја наоѓам најпрвин кај себе, во сопственото искуство и поглед на светот, во годините на минатиот живот, во својот темперамент, во своите реакции на дразбите на светот и, се разбира, во животот и во односите на луѓето во тој живот општо. Се разбира, и кај другите писатели и поети, во нивните книги. И не книги само од сферата на фикцијата и поезијата, туку и од другите области, од филозофијата, историјата, психологијата итн. Оваа поширока литература ги проширува сознанијата и ја изострува мислата.

Зад себе имате огромно творештво, не сте само поет, туку и романописец, издавач, преведувач, новинар… Во која „улога“ најмногу се наоѓате себеси?

– Многу години, многу задолженија. Најпрвин бев новинар во „Нова Македонија“. Во текот на тие години работав главно во две области: култура и надворешна политика. Бев постојан дописник од Атина, уредник за култура итн. Тие новинарски години ги сметам за важни и продуктивни во мојот развој. Тоа беа години кога новинарството се отвораше, се ослободуваше од стеснетоста на првите повоени години, се демократизираше, се ширеа подрачјата на интерес итн. Потоа дојде мојата работа во издаваштвото (Издавачката куќа „Култура“, а потоа „Слово“) на која сум, ако смеам да речам, посебно горд. Само да спомнам дека во „Култура“ , по осумдесеттите години, со колегите, ја покренав едицијата „Идеи“, важни дела од хуманистичките дисциплини, какви што дотогаш кај нас можеа да се избројат напрсти.

Тој вид дела потоа објавувавме во едицијата „Логос“ на Издавачката куќа „Слово“. Се создаде една цела библиотека дела со важност и тежина од хуманистичките дисциплини. Ја поставив и едицијата „Сведоштва“, во која за прв пат кај нас посистематски беа објавувани спомените на дејците од илинденскиот период. Се разбира и други едиции. Издаваштвото е нешто кое го збогатува културното јадро на средината.

И сега, каде се наоѓам најмногу себеси?
Во сите тие три подрачја – новинарството, издаваштвото и литературата. Сепак, во овој момент, најмногу се доживувам себеси како писател.

Во последниве години во Македонија поезијата е сè поприсутна меѓу младите. Почна со слем позија во кафулиња, прераснува во поетски читања, па поетски фестивали за млади. Како ја коментирате оваа (позитивна) појава, особено во време кога најголемиот дел од луѓето, особено младите се заробени во дигитален свет?

– Интересно е. Не можеме да се пофалиме во оваа наша мала средина со голем број читатели на поезијата, а сепак поезија се пишува многу и се изведува на овој или на оној начин, како што велите вие. Поезијата е жива наспроти светот во кој живееме во кој, како што рекол некој, и солзите станаа дигитални. Оваа година, за наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП конкурирале 35 книги, а вкупно објавени кај нас, можеби има и многу повеќе. Тоа значи, дека поезијата не отстапува, таа се пишува, па макар што, како што вели Влада Урошевиќ, „секој чин на пишување песни денес, е еден вид отпор“.

Фото: Скопски поетски фестивал

Зошто е отпор, тоа може да се објаснува, но сигурно не е само поради светскиот тренд, поради новите технологии и новата култура на живот која има белези на површност и ефемерност, туку има и локални, наши причини и состојби – состојби на потиснатост, во случајов на културата и уметноста, под жестокото партиско-политичко секојдневие, за тоа дека и кога во некои домени сме отишле напред, сега треба да се враќаме назад итн. Затоа, да се зборува за Струшките вечери на поезијата или, на пример, за Охридско лето и за сличните изградени проекти во едно време, е важно.

Современик сте, врсник на новата македонска држава. Како новинар и уредник, дописник на „Нова Македонија“ од Атина сте имале можност да ја сведочите новата македонска историја од интересни агли. Од аголот на денешните случувања дома и во регионот, каде ја гледате својата врсничка за 50 години?

– И најпосле, каде ја гледам мојата врсничка? Ми треба извесен напор за да ја видам чистата слика. Извесна резерва ми прави и прашањето, дали можам сосема да се потпрам на младите?
Каде се тие? Каде се тие во сето ова?
Каде ќе биде утре мојот внук?

Сепак вложувам напор. Гледам слика (ако тоа не е само слика-желба), во која мојата земја успеала да ги совлада силите кои постојано ја тргаат за ракавот назад. Таа земја, со оглед на сојузништвото со Запад и сегашните европски констелации, има забежлива меѓународна поддршка. Подолгорочно, верувам, губитници ќе бидат оние надвор, во соседството, кои афирмираат стари, посвојувачки, туморозни израстоци. Европскиот организам сепак ќе ги отфрли таквите израстоци, бидејќи во суштина, тие му се туѓи. Со оваа поддршка од светот, а со фокусирани сили внатре, ослободени и од (партиското) величење и подгревање на етничкото, гледам слика на мала европска земја, мирна, подисчистена и помалку крадена, со оние нормални тешкотии што ги произведува животот, земја со освестено, просветено граѓанство, како столб што ја крепи куќата.

Сподели