ОТИСОК
Беше сама, се соблече и пливаше
во вирот меѓу две сонца.
Кога излезе, ја затресе косата спроти
небото и легна на жешката карпа.
Под неа, едно срце немирно чукаше –
моето срце втиснато во карпата
во едно врело лето на занесот.
ПАТОТ ТЕСЕН СЕ РАШИРИ
Патот тесен се рашири
Знаел дека ти ќе дојдеш
Двете поли на портата
те грабнаа во прегратка
Уште рано крц, крц, чини
И оџакот силно тргна
да разгори оган в срце
И бајракот црвен горе
знаел идеш преку море.
Постелата уште вчера
се сетила, се стоплила
Се послала саде цвеќе
бели зумбул во пролеќе
ЗБОРОВНИ ГНЕЗДА
Сам спроти огледалото, тој почна да се
соблекува – алиште по алиште, век по век.
Му се чини сето време од создавањето на
светот, од денот кога Господ се израдува
на своето дело.
Вековите од него паѓаа како суви стебла,
потоа годините како лисја во есен.
И сега дојде редот на часовите.
Стоеше спроти огледалото со последната
минута – кошула извезена од зборовни гнезда.
Му остана таа едноставна, топла,
таа суштина чиста. Ја соблече и се втурна
гол во долгиот ходник на огледалото.
Во едно од гнездата слета птица пејачка со своето мало птиче полетарче.





