„Синедејс“ им припаѓа на киносалите. Ама на кои?

Најмногу се гордееме со фактот што, се трудиме, секоја година да имаме македонски филм на отворање и затворање на фестивалот. Тоа ни е перјаницата – вели Маргарита Арсова, уредник на филмската програма на Младинскиот културен центар

Агенцијата за филм го покачи буџетот на фестивалот за скромни 18%, по огромните молби да се врати фестивалот на достоинствено ниво. Градот ни го намали буџетот за 80%. „Синедејс“ во 2020 имаше буџет од Град Скопје од 3.500.000 денари, сега има 650.000 денари за цела филмска програма во МКЦ за 2023, средства кои ќе ги искористиме целосно за фестивалот, бидејќи така мораме – објаснува Маргарита Арсова, уредник на филмската програма на Младинскиот културен центар од Скопје, организатор на Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“. Од 13 до 18 јули ќе се одржи уште едно летно издание на омилениот филмски фестивал во главниот град.

Фото: Жарко Чулиќ

Најавувате уште едно летно издание на „Синедејс“. Што да очекува публиката?

– Да, некако доцниме оваа година со најава на фестивалот, но тука сме. Најавуваме компактна, ексклузивна и енергетски набиена филмска, музичка и развојна програма на фестивалот. Сакаме да ги задржиме деталите да ги откриеме наскоро – но едно што можеме да објавиме е отворањето со најновата премиера на македонскиот игран филм на Вардан Тозија, “М” и затворање со премиера, исто така, на македонскиот игран филм „Бизнисот на задоволството” на Гоце Цветановски. Филмот на Гоце, скоро беше и награден на Софискиот филмски фестивал. Филмот на Вардан ќе го погледнеме премиерно. Во програмата помеѓу, најавуваме жестоки филмски вечери со наслови директно од Кан, ретроспектива на Боуви и мали други слатки тајни. Најмногу се гордееме со фактот што, се трудиме, секоја година да имаме македонски филм на отворање и затворање на фестивалот. Тоа ни е перјаницата.

Имате интересно мото и креатива „Муви најтс“. Чија беше идејата? 

– Како и секогаш, на нашите долгогодишни стратешки маркетинг партнери – „Публицис“. Без нив – нема „Синедејс“. Половина е трудот кој го вложуваме во програмскиот дел, другата половина се должи на она како е „спакувана бонбониерата”. „Публицис“ секоја година ги испорачуваат најкреативните кампањи, ние им даваме одврзани раце. „Муви најтс“ може да се чита двосмислено – како филмски вечери, ама и како мувите во лето, разиграни на ладно парче лубеница.

Може да откриеме некоја од програмите, односно дали ќе го задржи концептот како минатата година?

– Ќе го задржиме иницијалниот концепт, се разбира, со натпреварувачките програми, гала-вечерите, ретроспективните филмови како и придружните активности. Она што е различно е намалувањето во обемот на времетраењето на фестивалот со цел задржување на истиот квалитет. Компактноста на програмата се должи на намалените средства за реализација, со што наједноставно ќе беше – да се кренат раце и да нема. Но, ние не сме научени така. Не смееме така, Посебно не, бидејќи од нас публиката очекува. А за тоа и работиме, за нив. И кога очекувањата се високи.

Очекувате ли гости од филмовите?

– Се разбира, тие се главниот фокус на фестивалот. Очекуваме интересни гости, очекуваме интерес и кај публиката за нив, очекуваме и вклучување на македонската филмска јавност. Секое пасивизирање на нашиот однос кон се што е културна манифестација, фестивал, настан од каков било извор, значи и изговор на која било власт сè помалку да дава. Затоа мора да истраеме, да дадеме сè од себе и да бидеме сите заедно сплотени. Да си бидеме грб едни на други. Сепак сме и мала средина. Токму гостите ни помагаат да ја пренесеме таа порака во јавноста.

Дали веќе се напушта концептот „Синедејс“ да се врати наесен, како што се реализираше пред ковид-пандемијата?

– Напротив. „Синедејс“ им припаѓа на киносалите. Ама на кои? Ние сакавме да го вратиме во периодот во кој и треба да се случува, ноември. Но во Скопје, имаме само две функционални кина со ДСП проектори. Киното „Милениум“ не е едно од нив. Во „Милениум“ функционира привремено решение со дигитален кинопроектор, колку да се одржи репертоарот и со тоа, кинодејноста биде сведена на модус на преживување. Затоа и годинава, повторно, „Синедејс“е на лето. Следната, да се надеваме дека ќе се врати таму каде што припаѓа.

Сцена од филмот „М“ на Вардан Тозија што ќе го отвори фестивалот

Каква поддршка има фестивалот од Агенцијата за филм и од Град Скопје?


– Непрежалена. Агенцијата за филм го покачи буџетот на фестивалот за скромни 18%, по огромните молби да се врати фестивалот на достоинствено ниво. Градот ни го намали буџетот за 80%. „Синедејс“ во 2020 имаше буџет од Град Скопје од 3.500.000 денари, сега има 650.000 денари за цела филмска програма во МКЦ за 2023, средства кои ќе ги искористиме целосно за фестивалот, бидејќи така мораме.

Пред 6-7 години, буџетот на „Синедејс“ од Агенција за филм достигна и 5.000.000 денари, да биде потоа симнат на 1.800.000 денари на среде фестивал со обично известување, поради корона-мерките, за сега да успееме со големи усилби да се врати на 3.500.000 денари.
Ете тоа се сите средства на кои треба да се надеваме. Само за споредба, регионалните фестивали – Сараево, Фест, Софија, Солун овие суми кои ги наведов, од градските власти и своите министерства ги добиваат во евра.

Нема да се жалиме, на сите власти досега, културата им била последна. Ќе пркосиме до крај, додека не докажеме дека што и да се брани, која страна и да ја заземеме, ќе биде залудно, ако не го изградиме и зачуваме нашето културно милје.

Сцена од „Бизнисот на задоволството“ што ќе го затвори фестивалот

Сподели