„Никогаш не може да се потцени моќта на музиката. Музиката е таа што ги зближува луѓето. Кога имавме концерт во Париз, Индиец свиреше со Пакистанец, Сириец музицираше на клавир со Хрват, тоа се различни културни поединци, создавајќи музика заедно, за сите нас тоа претставува огромен успех на единство. Тоа се случува кога одиме на турнеја, тоа се случи и вечерва.“ истакна маестро Зубин Мехта, за способноста на музиката да ги премине границите и да обединува различни култури.
Музичарите од Белградска филхармонија предводени од легендарниот Зубин Мехта завчеравечер создадоа концертна магија на нашата сцена. Публиката сведочеше за филигранска изведба на мајсторот на класиката, неповторливиот маг Лудвиг ван Бетовен ( Симфонија бр.7) и на луцидниот романтичар Хектор Берлиоз кој доминира со препознатливата музичка структурност во своите дела (“Фантастична симфонија”).
Неповторливиот Зубин Мехта е човек кој целиот свој живот го посвети на градењето мостови преку музика, посветено и скромно, со голем жар и љубов.
Концерт на Белградска филхармонија беше совршена апотеоза на безгранична љубов преточена во музика, велат од Македонската филхармонија.
Концертот беше дел од иницијативата „Отворен Балкан“, чија цел е подобро културно поврзување на Македонија, Албанија и Србија.
Фото: Маја Аргакијева