„Чувствотворен јазик“ е мотото на СВП – ќе се одбележуваат 100 години Ацо Шопов, 200 години од Шандор Петефи

Струшките вечери на поезијата ќе се одржат од 24 до 28 август во своето автентично издание на препознатливите локации, под мотото „Чувствотворен јазик“. Свеченото отворање на фестивалот повторно ќе се одржи на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата.

– Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик како јазик створен, односно создаден од чувства, но и јазик што создава чувства. Исто така сакаме да ја потенцираме моќта на поезијата да создава нови зборови и да ја менува, односно да ја збогатува нашата претстава за светот па во таа смисла таа е и чудотоврен јазик. Ваквиот поетски јазик е предизвик и за најновите трендови на алгоритмите на вештачката интелигенција коишто генерираат јазик врз поинакви принципи, врз принципите на семантички корелации и математички пресметки. Во програмата на Струшките вечери оваа година е предвидена тркалезна маса на тема: Поетскиот јазик и вештачката интелигенција – велат од СВП.

Повеќе од 25 странски поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања.
Оваа година, во рамки на програмата на јубилејот на одбележување на 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, се предвидени неколку содржини: изложба на фотографии поврзани со учеството на Ацо Шопов на фестивалот и неговиот огромен придонес за основањето и развојот на Фестивалот. Ацо Шопов е претседател на првиот Фестивалски одбор. Промоција на преведени изданија на Ацо Шопов на неколку јазици, како и свечен настан по повод јубилејот, кој ќе се одржи во Св. Софија на 26 август пред портретот на лауреатот Влада Урошевиќ.

Предвидени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ (годинешниот добитник е ирскиот поет Гевин Бредли, кој живее и работи во Канада) како портретот на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, кој ќе биде објавен на самиот почеток на август. Конкурсот траеше до 25 јуни. Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската Комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.

Освен Монографијата за добитникот на „Златен венец“, Зборникот на Фестивалот кој оваа година ќе биде во проширено издание, а ќе има и електронско издание, тријазичното издание на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, изданието на добитникот на наградата „Мостови“, во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, ќе биде издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“ чиј приредувач е нашиот истакнат македонски поет, универзитетски професор и философ Иван Џепароски. Оваа антологија содржи избор од поетското творештво на досегашните добитници на наградата, во чии песни се застапени мотивите на флората и го актуелизира книжевно теорискиот пристап на еко поезијата и еко критиката.

По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“ во соработка со унгарската амбасада, ќе биде отворена изложба за животот и делото на овој славен унгарски поет.
Медиумски покровител на фестивалот е Македонската телевизија која што ќе врши директнен пренос на главните настани. Програмата на фестивалот, почнувајќи од изданието во 2019 година, целосно се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од страна на поширокот аудиториум.

Директорот на фестивалот, Тодорче Тасевски на прес-конференција се заблагодари на Семјуел Кенеди и компанијата „Кенеди Текнолоџис“, коишто посветено и без надомест, како општествено-одговорна компанија имплементираа нов дизајн на веб-страницата и надградба на системот за управување со содржина (Content Management System)

– Како странец кој живее тука, се чувствувам особено привилегиран да дадам придонес кон овој важен културен настан во мојот втор дом, Македонија – рече Кенеди.

Сподели