Џезерите дочекаа! Владата ќе формира установа Оркестар за џез музика

Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија ќе биде новата национална институција што ќе ја формира Владата, а беше одлучено на вчерашната седница. Основна дејност на оваа установа, како што е образложено од Министерството за култура, е предвидено да биде музичката дејност, односно подготвување и јавно изведување високо квалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови коишто гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на 21 век.

Здружението на џез музичари и слободни уметници во последните две години особено неколку пати го отвораше прашањето за неопходноста од овој чекор, со цел да се зачуваат талентираните музичари што ги имаме, да им се овозможи траен и одржлив ангажман, што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела, ќе се грижи за негувањето на џез културата, ќе ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа.

Оркестарот ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез фестивали и настани коишто ќе помогнат во негувањето на џез културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации коишто ја негуваат истата дејност.

ВРЕМЕ Е ЗЏМ БЕНД ДА СЕ ИНСТИТУЦИОНАЛИЗИРА

Владата донесена и одлука за основање национална установа Галерија на Гостивар, што е предвидено да врши музејска дејност заради истражување, собирање, стручно и научно обработување, подготвување и презентирање на музејските материјали и афирмација на уметничкото творештво од полошкиот регион, а со цел промовирање на значењето на културното наследство од полошкиот крај.

– Основањето на оваа национална установа претставува важен чекор за реализација на Националната стратегија за развој на културата, со цел демократски, слободен, динамичен, рамномерен и одржлив културен развој, велат од Владата.

Сподели