Идејата за овој концерт постои уште од поодамна, но конечно, пред една година се создадоа услови да го реализираме, вели Стевковски, претседател на Здружението на џез музичари

За творештвото на Запа од периодот на 70-тите години има фантастични аранжмани за биг бенд. Со тоа можеме да најавиме дека ни претстои концертна вечер која долго ќе се памети, најавува Гоце Стевковски, претседателот на Здружениетo на џез музичари во пресрет на утрешниот концерт, закажан во 2о часот во Филхармонија. Перкусионистот Стевковски во својата кариера соработувал со високо етаблирани групи, а последниве години својот интерес го насочува кон џез музиката, учествувајќи во бројни џез проекти и соработувајќи со скоро сите значајни имиња на македонската и балканската џез сцена. Со него поразговаравме за состојбите со џез сцената, за утрешниот концерт.

Френк Запа ви е инспирација за новиот концерт. Како дојде идејата и кој дел од неговото творештво ќе биде опфатен?

– Идејата за овој концерт постои уште од поодамна, но конечно, пред една година се создадоа услови да го реализираме. За нас дојде некако природно, покрај омажите на музиката на „Битлси“ и „Рејдиохед“, ЗЏМ Биг бендот да отсвири концерт со музика на уште еден од најголемите музички имиња кои го одбележаа 20 век на музички план, веројатно најинтригантниот автор – Френк Запа. Овој музички револуционер има над 113 студиски албуми, 13 компилации, 34 сингл композиции и уште 40 трибјут албуми, што значи станува збор за навистина плоден автор. На концертот кој ќе се одржи во Филхармонија утревечер во 20 часот, ќе биде опфатено творештвото на Запа од периодот на 70-тите години за кое има фантастични аранжмани за биг бенд. Со тоа може да најавиме дека ни претстои концертна вечер која долго ќе се памети!

 Повторно соработувате со Зиги Фајгл, диригентот од Австрија. Концертот со музиката на „Рејдиохед“ долго ќе се памети. Ви значи ли што градите убава релација со ова светско име?

– Секако, Зиги Фајгл е еден од најдобрите светски диригенти во областа на диригирање со биг бенд.  Тој е и професор и музичар со огромно искуство зад себе кој знае како да ги постави работите за сè да функционира во најдобар ред.  Од него може многу да се научи, така што навистина имаме среќа што работиме со диригент со такво реноме.

Како опстојува ЗЏМ? Сè се сведува на ентузијазам, немате постојани поддржувачи… Не е ли време да се институционализира?

– Сиве овие години на функционирање, Здружението на џез музичари ја има поддршката од Министерството за култура, преку Конкурсите за финансирање проекти од национален интерес, за што сме им навистина благодарни, но од друга страна, тоа е недоволно за да опстане еден голем оркестар како ЗЏМ Биг бендот. Сепак, тука е и публиката која уште на почетокот успеа да го препознае нашиот квалитет и која преку посетеноста на сите наши концерти ни дава мотив и поддршка и понатаму да работиме и да опстоиме во нашата работа. Но, секако дека токму поради таа активна работа и досегашните достигнувања, дојдено е времето овој оркестар да се институционализира по примерот на Њујоршкиот Линколн Центар, Концертгебаум и други, на што исто така активно работиме. Тоа само ќе придонесе ЗЏМ да продолжи со работа и да понуди уште поквалитетна програма во секоја смисла.

Имавте одличен настап во Загреб, во салата „Ватрослав Лисински“. Комплименти и позитивни критики објавија хрватските медиуми. Се отворија ли нови можности?

– Овој концерт беше навистина големо и позитивно искуство за нас бидејќи имавме можност да настапиме со пејачот Курт Елинг, личност која е навистина голема ѕвезда во џез музиката, но пред сè, е голем професионалец. И самото тоа што настапивме на Загрепскиот џез фестивал беше одлична можност да се претставиме пред хрватската публика, од која бевме навистина добро прифатени. Секако, овој настап отвори нови можности за нас. Веќе имаме понуди за соработки, а за во јуни и јули 2022 година имаме понуда да свириме концерти во повеќе градови низ Хрватска, со една голема американска пејачка ѕвезда чиј идентитет сè уште не можеме да го откриеме.

Што следува по концертот со музиката на Запа? На што ќе се фокусирате?

– По концертот на Запа следи уште еден концерт на ЗЏМ Биг бендот, овој пат заедно со оркестарот на Филхармонија, со што ќе ја заокружиме 2021 година. Концертот ќе се одржи на 29 декември, па потоа со нови сили одиме понатака со планирање на програмата на ЗЏМ за новата година.

Фотографии: Маја Аргакијева

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.