Со претставата „Таленти во движење“ на танцовата компанија „Кодартс“ од Ротердам, на 4 април на сцената на Маедонскиот народен театар ќе започне фестивалот „Танц фест“. Отворањето на фестивалот е поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија, а ќе биде во чест на 30 години дипломатски односи меѓу двете земји.
На програмата на фестивалот која е извонредно богата, ќе бидат претставени 19 кореографи од земјава, како и од Холандија, САД, Полска, Чешка, Израел, Италија, Грција, Словачка, Романија, Шпанија и Кина.
Фестивалот во соработка со амбасадата на САД во Скопје на 12 април на сцената на МНТ ќе ја претстави „Далас Блек танцовата компанија“ од САД, со извонредно атрактивна програма. Во рамките на оваа соработка ќе биде одржан и проектот Dance communications, работилници за млади танчери, кои ќе подготват кратка кореографија под менторство на танчерите и професорите од САД и Скопје танцовиот театар, а истата ќе ја изведат на 12 април на сцената на МНТ, пред настапот на компанијата од САД.

На сцената на Младинскиот културен центар ќе бидат претставени современи кореографии на Јакуб Черулик од Словачка, Сандра Махвама од Романија, Гилда Цесарио од Италија, „А приори“ компанијата од Грција. Македонската танцова сцена ќе биде претставена со кореографиите „Одење и слични кореографски решенија“ на Филип Петковски, на 28 април на Малата сцена на НОБ и „КОД #9“ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола, која ќе се изведе на 24 април на сцената на Кино Фросина во МКЦ. Скопје танцовиот театар на 11 април во МНТ, ќе ги претстави новите продукции „Место, многу посебно за неа“ на Адријана Данчевска и „Блокови“ на Дејан Битровски, во кои учествуваат танчерите на компанијата и студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“.
На 10 април во МКЦ ќе се изведе новата кореографија на Бобан Русески, под наслов „Табу република“, во продукција на Скопје танцовиот театар. На 26 април на сцената на Македонскиот народен театар ќе се изведе премиерата на најновата кореографија на Рисима Рисимкин, „Лејди Магбет“, која годинава е поканета да гостува на Шекспир фринге фестивалот во Верона Италија. Во склоп на фестивалот ќе се одржат и „Отворената програма“ со учество на студија од Скопје и други градови од земјава. Програмата на Танц Фест Скопје е поддржана од Министерството за култура, холандската и американската амбасада, УГД, Виталија и Бовин. Билетите за сите настани се продаваат на билетарниците на театрите каде се одржува програмата, во МНТ, МКЦ и НОБ.





