Меѓународен тим ќе работи на проблемот со влагата во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ од 13 век во манастирот Трескавец, Прилепско, соопшти Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Прилеп. Увид во состојбата направил Акваридис Препис, професор од Грција со стручни лица од Музејот, професори од Градежниот факултет од Скопје и стручни лица од Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИС) од Скопје.
– Проблемот со влагата мора да се решава и не треба да се одложува. Во Министерството за култура се доставени два проекта, а стручните лица поставија некулкумесечен рок за да почне реализацијата – вели Горан Цветкоски, директор на Музејот.
Тој го пренесува ставот на стручниот тим дека главен проблем во црквата е влагата која доаѓа од водата што влегува во манастирскиот комплекс.
– Проектите поднесени до Министерството за култура се однесуваат за заштита од хидрогеолошки и од геолошки аспект. Дури потоа може да се работи на заштита и реставрација на покривот, на тремот, на олтарот. Верувам во поддршката од ресорното министерство. Крајно време е да се посветиме на решавањето на проблемот за да не го загубиме ова непроценливо културно богатство – вели Цветкоски.
Лани илјадници инсекти ги нападнале фреските во црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Експерти со години апелираат дека споемникот на културата е во лоша состојба.





