Future for Religious Heritage – Europe во септември ја прогласи „Македонида“ за организација на месецот. Со проф. д-р Панче Велков разговараме за состојбата на религиозното културно наследство во Македонија, колку државата се грижи за објектите, а колку верските заедници – иматели на спомениците
Илјадници инсекти летово ги нападнале фреските во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ од 13 век во манастирот Трескавец, Прилепско. Во „Св. Софија“, најзначајаната црква од 11 век во светот, познатата Григориева галерија се користи како место за складирање на шут од летната сцена. Ситуацијата е лоша за повеќето цркви, дури и за најважните, вели проф. д-р Панче Велков, градежен инженер, визитинг-професор по стандарди за заштита на културното наследство при Академијата на Институтот за ликовни уметности од Чикаго.
Во 1998 година ја основал невладината организација „Македонида“ како Здружение за педагогија, промоција и заштита на културното наследство. Future for Religious Heritage – Europe во септември ја прогласи „Македонида“ за организација на месецот. Со Велков разговараме за состојбата на религиозното културно наследство во Македонија, колку држава се грижи за објектите, а колку верските заедници – иматели на спомениците.
Future for Religious Heritage – Europe (ФРХ) го прогласи Здружението за педагогија, промоција и заштита на културното наследство „Македонида“ за организација на месецот. Објаснете ни повеќе за што се работи?
– ФРХ – Организацијата за заштита на религионото наследство на Европа со седиште во Брисел е најголема организација од овој тип во Европа, брои повеќе од 150 членки. Секој месец ФРХ објавува месечен билтен во кој се објавува една статија и се прогласува членка на месецот. За месец септември, тоа е нашата организација „Македонида“, а статијата е еден мој напис – „Религиозното наследство во Македонија е во опасност. Дали ќе може да се спаси?“ „Македонида“ е најактивна членка на ФРХ од Балканот, учествува во сите промотивни активности на ФРХ како на пример во проектот „ФРХ Информ“ чија цел е мапирање на сите религиозни објекти – храмови, цркви и џамии во Европа. „Македонида“ направи детален извештај за состојбата во Македонија со сите достапни податоци.ж
Галеријата во егзонартексот на црквата „Св. Софија“ од 11. век во Охрид
Каква е заштитата на религиозното културно наследство во Македонија?
– Заштитата на религиозното муслиманско наследство е добра. За сите отомански споменици – пред сè џамии се грижи турската Агенција за развој – ТИКА. За жал, кај црквите ситуацијата е полоша. Државата се грижи, но не доволно. Ситуацијата е лоша за повеќето цркви, дури и за најважните, како со Трескавец каде фреските беа нападнати од инскети ова лето. Општата ситуација во црквата е очајна, до ситуација на ноншалантност и целосна негрижа како во случајот со егзонартексот во „Св. Софија“, најзначајаната црква од 11 век во светот, каде познатата Григориева галерија се користи како место за складирање на шут од летната сцена на „Св. Софија“!!!
Претежно објектите со споменичен статус припаѓаат на две конфесии, а скоро сите се користат и за верски цели. Колку во заштитата учествува државата, а колку верските заедници кои се иматели на спомениците?
– За џамиите се грижи турската Влада и тоа е доволно. За црквите државата дава по малку – трошки и тоа е недоволно. Институцијата Македонска православна црква – Охридкса архиепископија се грижи најчесто за новите цркви. За старите цркви, најважните, средства треба да доаѓаат од надвор, но спонзорства се недоволни и ретки. „Македонида“ добива на пример грантови долги години од Чикаго, од фондацијата „Дрихаус“ за издавање книги, а сега и за студии за црквите во Македонија, но тоа останува изолиран случај, еден од малкуте.
Инскетите во „Успение на Пресвета Богородица“ од 13 век во Трескавец
Што треба итно да се смени?
– Итно треба да се направи листа на приоритет на цркви, најважни и најзагрозени. На нив треба да се работи на заштита – конзервација и тоа со странски ескперти. Државата треба да обезбеди средства, а кога странците ќе видат дека државата се грижи и тие ќе се вклучат. И тоа на државно ниво, како и на ниво на невладини фондации.
На кои пректи работите во моментов?
– Веќе споменав дека „Македонида“ сега работи на научен проект – студија со грант од фондацијата „Дрихаус“. Проектот се состои во поставување на инвентар на византиските цркви во Македонија со еден пилот-проект, за почеток во Охрид и Охридско, за потоа да се подготви инвентар за византиските цркви за целата територија на државата. Реперториравме 30 цркви за кои токму сега во моментов собираме податоци на терен. Податоците ќе бидат претставени во форма на современа банка на податоци на македонски и на англиски јазик. Така Македонија ќе може да се здобие со современа презентација на своето најзначајно културно богатстсво, кое ќе биде особено корисно и важно за промоција и заштита на ова културно наследство и за земјата во целост.
Фото: Панче Велков