МОН: Ако учебниците за 2. и 5. одделение не се готови до 1 септември, учениците ќе учат од соодветни материјали

Ако учебниците за 2. и 5. одделение не се готови до 1 септември, учениците ќе учат од соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници, соопшти вчера Министерството за образование и наука. Умно.мк од 6 јуни чека одговори од МОН на уредно испратените прашања токму во врска со новата учебна година. МОН не одговори ниту на прашањата уредно препратени уште два пати минатиот месец, за да ја информираме јавноста во која фаза е имплементацијата на новата концепција за основно образование, кои одделенија ќе бидат опфатени со новата програм, до каде е подготовката на новите учебници за овие одделенија, избрани ли се тимовите/авторите, кога јавноста ќе има првичен увид како ќе изгледаат учебниците?

МОН вчера сите медиуми ги информираше дека втора година по ред продолжува етапната имплементација на најкрупната образовна реформа во основното образование која треба „значително да го унапреди квалитетот на наставата, а училиштето да стане поинтересно место за младите.“ Нови наставни програми се подготвени и за 2. и 5. одделение, а во фаза на изработка се и нови учебници по сите предмети во соодветните одделенија. Новата концепција лани почна да се воведува во 1. и 4. одделение.

– Сите постапки за одобрување на учебниците за прво, вторo, четврто и петто одделение за кои се изготвени нови наставни програми, се во различна завршна фаза на одобрување. При евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници. За останатите одделенија, набавката на учебници со откуп е во завршна фаза и се очекува да бидат дистрибуирани до училиштата кон крајот на овој месец – пишува во соопштението на МОН.

Во соопштението пишува:
– Сите учебници за четврто и погорните одделенија, освен во печатен формат, ќе бидат достапни и во електронска верзија на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk. Учебната година ќе почне на 1 септември.

Лани МОН уште на 19 јули објави како ќе изгледа новиот учебник по Природни науки за 1. одделение:
МОН ОБЈАВИ КАКО ЌЕ ИЗГЛЕДА НОВИОТ УЧЕБНИК ПО ПРИРОДНИ НАУКИ ЗА 1. ОДДЕЛЕНИЕ

На 22 август пак беше објавено како ќе изгледа дигиталниот учебник по Природни науки за 4. одделение:
KАКО ЌЕ ИЗГЛЕДА ДИГИТАЛНИОТ УЧЕБНИК ПО ПРИРОДНИ НАУКИ ЗА 4. ОДДЕЛЕНИЕ

Насловна фотографија: Ланските учебници за 1. одделение според новата концепција за основно образование

Сподели