На 28. Филмски фестивал во Сараево, кој почнува вечерва, во програмата наменета за таленти, ќе учествува и продуцентот Александар Арсовски, кој ќе учествува со краткиот игран филм „Мајка“ во режија на Ѓорѓи Лазов
Нема филмски уметник од поширокиот регион што не сака со свој филм, улога, проект, предлог-идеја да учествува на Сараевскиот филмски фестивал, кој од година в година расте и станува еден од најважните во регионот. Македонија нема свој филм во официјалната програма на 28. издание што почнува вечерва, но за радост е што речиси секоја година имаме во некоја од програмите, како и во „Сараево таленти“ – програма каде што младите филмаџии може да ги покажат своите проекти, да најдат свои партнери, да научат многу од светски ѕвезди. Еден од нив годинава ќе биде и младиот продуцент Александар Арсовски, кој на оваа програма ќе учествува со краткометражниот игран филм „Мајка“ во режија на Ѓорѓи Лазов. Тој е примен на фестивалот по три години пријавување.
– Посебно ми значи што ме примија со проект што го развивам веќе неколку години и скоро се ближи неговото време за реализација. Учеството на овој фестивал ќе ми помогне да се развијам на уште еден повисок степен и да ги согледам новите можности за меѓународни соработки – вели Арсовски.
Иако можеби не е многу познат кај нас, Арсовски веќе на големо гради кариера во Хрватска каде живее во последните неколку години. По завршувањето Филмска режија на Академијата во Штип, тој го продолжил образованието на Академијата за драмски уметности во Загреб, отсек Продукција на аудиовизуелни и мултимедиски проекти.

Каков проект е „Мајка“?
– Овој филм ни го покажува односот помеѓу мајка и ќерка и нивните перипетии што се случуваат за време на божиќните празници. Сите нивни тајни излегуваат на виделина токму тогаш кога Дијана ќе дознае дека нејзината мајка одлучила да бара маж преку весник за да може повторно да се омажи. Ова е наш прв заеднички проект што го работиме по завршувањето на Филмската академија во Штип. Со Ѓорѓи сме работеле на многу студентски филмови и надворешни проекти, но ова е наш прв филм поддржан од Агенцијата за филм и среќни сме што можеме да се претставиме тука, за да договориме уште еден копродуцент, како би можеле во декември да почнеме со снимањето во Македонија.
Посакувате ли нашата кинематографија да биде што повеќе застапена на овој фестивал?
– Секако, секоја кинематографија има свои специфики и автори кои се уникатни за својата земја. Кај нас во последно време има многу нови автори кои допрва добиваат прилика да снимаат филмови, а со тоа се поставуваат и нови стилови. Сметам дека сè повеќе треба да се дава прилика на младите автори затоа што доаѓаат со многу свежи/визуелно атрактивни приказни кои се интересни за светските фествали. Како што беше примерот со филмовите во изминатите неколку години.

Арсовски (десно) заедно со режисерот Филип Хераковиќ
На кои проекти работевте во последните неколку години?
– И покрај епидемијата со коронавирусот, во изминативе три години активно работев на неколку проекти. Иако живеам во Загреб, работам со ВОД платформата од Македонија cinesquare.net како координатор на активностите поврзани со онлајн-дистрибуцијата, па така бев и координатор на над 10-ина фестивали кои се одвиваа преку оваа платформа, од Турција па сè до Словенија.
Но, со дистрибуцијата паралелно комбинирам и снимања на различни проекти. Па така, меѓу некои од проектите можам да издвојам два проекта што ги работев со режисерот Филип Хераковиќ. Првиот е „Пеликан“ долгометражен игран филм и „Забите на крокодилот“ краткометражен игран филм. „Еден ден ќе се случи нешто (страшно)“ од режисерката Далија Дозет, „Дар-Мар“ телевизиска серија на Nova TV, на која работев како втор асистент на режија за време на првите 80 епизоди од првата сезона. А како продуцент успешно реализирав неколку краткометражни филмови: „Сама“ режисер Борна Зидариќ, „Трафика“ режисерка Дора Слакопер, филмот имаше премиера на „ДокуФест“ во Призрен, моментално е во Грција на престижниот Beyond Borders фестивал и се надеваме дека и понатаму ќе патува на други фестивали ширум светот.

Од снимање на серијата „Љубопитната Ана“
Како Ве одведе патот во Хрватска?
– На Академијата во Загреб менторка за време на целото студирање ми беше меѓународно најнаградуваната продуцентката Анкица Јуриќ Тилиќ која многу ми помогна во моето едуцирање во делот на филмска и телевизиска продукција, ми помогна да ги отворам видиците за европски копродукции и слично. Под нејзино менторство го разработив концептот за мојата прва детска телевизиска серија „Љубопитната Ана“ која моментално ја доразвивам и работиме на создавањето на сценаријата за 26 епизоди, кои планираме да ги реализираме за Хрватската радио телевизија. Оваа серија планирам да ја работам во соработка со продукциската куќа Wolfgang & Dolly заедно со уште неколку документарни серии кои моментално се во развој.
Сте имале искуство да работите и на македонски и на хрватски филмови. Има ли разлика во начинот на работа и условите?
– Работата на филм е секаде слична, единствено се разликуваат условите и продукциите што ги водат тие проекти. Во Македонија сум соработувал со продуцентките: Лабина Митевска на филмот „Бог постои, името и е Петрунија“ од Теона С. Митевска, „Сирена во Париз“, филм кој исто така беше снимен преку „Сестри и брат Митевски“ и уште на неколку проекти заедно со продуцентката Елена Станишева, дел снимени, а дел во подготовки. Ако отворено и посветено работиме на проектите, тогаш реализацијата на истите не претставува голем предизвик.
Кога се снима филм во Хрватска, гледајќи од аспект на продуцент, многу полесно и побрзо може да се организираат локации, опрема, луѓе итн. Постои добро поставена структура до која се придржуваат продукциите кога е во прашање организација на снимање. Постои филмски центар кој работи со нас само за добивање на дозволи за градски локации, постојат неколку филмски рентали кои се секогаш на располагање за наем на техничка опрема и сценографија, а сето тоа по поволни цени. Јавните институции во рок од еден до три дена одговараат на имејл со сите потребни детали за соработка. Нешто што во Скопје е незамисливо, односно да договориш соработка само преку мејл, а без притоа да бараш познаници и да ургираш само да те примат на обичен разговор и да те сослушаат. Тоа е тој културен шок што го доживеав, едноставно институциите овде функционираа. Од тоа што досега сум работел во Загреб, во голем дел од случаите сум имал позитивно искуство.

Во Хрватска постои многу поголема конкуренција, но постојат и многу повеќе можности и отворени конкурси низ целата година на кои можеш рамномерно да се натпреваруваш со домашните филмски уметници. Во изминатата година аплицирав со неколку проекти филмски проекти и телевизиски серии, за жал, не беа прифатени за финансирање, но добивме совет повторно да се пријавиме на следниот повик и со голема веројатност дека ќе бидат прифатени. Хрватскиот аудиовизуелен центар праќа рецензии за секој проект поединечно од страна на нивните уметнички советници. Преку тие рецензии ние како автори (режисери/продуценти) можеме да ги согледаме коментарите и да ги подобриме нашите проекти според нивните совети или едноставно да согледаме друго, поразлично мислење.
Ова, за жал, не е пракса во Македонија и нашата Агенција за филм. Тоа е еден голем минус кој мора да се поправи и што поскоро Агенцијата јавно да објавува рецензии за прифатените проекти, исто како што прават филмските центри во Србија, Хрватска и Бугарија. А приватно да ги известува одбиените проекти, да бидат наведени причините поради кои нивниот проект не е предложен за финансирање. Едноставно само на таков начин ќе може да се создаде здрава и лојална конкуренција во филмскиот свет, а притоа филмските работници ќе останат мотивирани да работат и да создаваат нови проекти.
Имаат ли иднина Video on Demand платформите на кои работите во последните години?
– Ако добро ја следиме ситуацијата со ВоД платформите во изминатите неколку години, со сигурност може да заклучиме дека има, и ќе има. Затоа што овие платформи се нашето секојдвение, потребно е да се најде клучот како да се раководи со нив, како да се пристапи до публиката и најважно од се, да се нуди оригинална домашна продукција.
Како магистерски труд пишував токму на оваа тема: „Пандемија пред пандемијата: Како Ковид-19 дополнително влијаеше на дистрибуција на домашните филмови“. За време на пишувањето на овој труд поминав низ многу литератури и актуелни статии од филмски диструбутери и аналитичари. Едно нешто околу кое сите во голем процент се сложуваа беше токму VoD. И покрај што е овие платформи се меч со две острици, на еден начин тие може да ја голтнат домашната продукција и дистрибуција, но од друга страна може да им пружат на филмските продукции одлична шанса да го продолжат животниот век на филмовите и сериите кои ги продуцирале.
Проектите мора да живеат и уште низ долги години за публиката која доаѓа да може да ги гледа. Мене ми е многу жал што постојат многу македонски филмови кои едноставно не можеш никаде да ги погледнеш, а биле снимени пред 3-5 години и биле поткрепени со пари од јавниот буџет на државата, а стојат некаде затворени во некоја фиока. Едноставно сите тие филмови треба на некој начин да бидат достапни онлајн на ниво на државата по некоја симболична цена, на тој начин сите ќе имаат корист.
На какви проекти сте фокусиран периодов?
– Во моментов се занимавам паралелно со неколку проекти. Дистрибуцијата на краткометражниот игран филм „Сама“ во режија на Борна Зидариќ, филм кој го продуцирав минатата година и беше претставен на Short Film Corner – Rendez-Vous Industry во Канскиот филмски фестивал. Сега следува период на негова фестивалска дистрибуција, а македонската публика ќе може да го погледне како дел од програмата на „Браќа Манаки“ во Битола.
Моментално сме во постпродукција на долгометражниот документарец „Жена, мајка фабрика“ филм кој го работам со режисерката Љубица Котромановиќ. Станува збор за филм кои ги прикажува жените кои за време на Југоставија, но и денешна Хрватска работеле во фабриката за конец „Далматинка“ во Сињ; нивната женска еманципација и распадот на една огромна фабрика која значела живот за цел еден град.
Во развој сум на други два краткометражни играна филма на кои работам како режисер, а се надевам дека во текот на наредната година ќе влезат во фаза на предпродукција. Едниот во Македонија, а другиот во Хрватска. Но и на две документарни телевизиски серии, од кои едната е мој авторски проект. Моментално чекаме резултати од ХРТ, па се надеваме дека ќе ги препознаат и ќе ни дадат зелено светло да ги реализираме во текот на 2023 година.
Неодамна станав член и на Здружението на хрватски продуценти, во секој случај, активно и динамично лето за мене и за тимот на соработници со кои работам на сите овие проекти. Се надевам дека ќе имаме уште многу соработи и со колегите во Скопје, па ќе развиваме нови меѓународни проекти.





