Дигитална карта на светот на која со помош на глувчето треба да ги подредите имињата на континентите, интерактивна фотографија на планина што може да се разгледува пошироко, куси прашања со одговори од кои треба да се избере точниот. Министерството за образование и наука денеска објави како ќе изгледа дигиталниот учебник по природни науки за 4. одделение. Авторки се наставничките Биљана Стојановска, Билјана Лазареска и Нела Слезенкова-Никовска.

Билјана Стојановска
Стојановска вели дека креирањето на материјалот за учење за овој учебник бил и предизвик и голема одговорност, бидејќи концептот е доста поинаков од досегашниот.
– Сакавме да поттикнеме развивање на критичко размислување, креативност и проактивност кај учениците. Учебникот изобилува со забавни содржини, експерименти, истражувања и интересни илустрации. Учениците ќе ги развијат своите вештини за креативно изразување, комуникација и соработка, што се, всушност дел од националните стандарди – вели Стојановска.

Со ова почнува имплементацијата на новата концепција за основно образование која годинава почнува во 1. и во 4. одделение и треба целосно да се спроведе во деветолетката.
Стојановска смета дека успеале да создадат квалитетен учебник збогатен со дигитални содржини – интерактивни слики, видеа, квизови, игри и анимации.
– Преку нив учениците поразбирливо и на позабавен начин ќе ги надополнат своите сознанија за природата и светот околу себе, природните богатства, нивното значење и зачувување – вели Стојановска.

Билјана Лазареска и Нела Слезенкова-Никовска
Од МОН соопштуваат дека дигиталните материјали за учење се уште една алатка повеќе со чија помош учениците успешно ќе го совладуваат материјалот. За вклученост на сите ученици во квалитетно и современо образование МОН набавило 10.000 таблети, од кои 3.000 се веќе дистрибуирани до училиштата, наменети за ученици од четврто одделение кои се од социјално ранливи семејства.









