Утревечер, за време на концертот насловен „Слобода“, Соборниот храм ќе биде исполнет со четири ансамбли – голем симфониски оркестар, камерен оркестар, голем хор и детски хор, како и тројца солисти и тројца диригенти
Врвни солисти, премиерни концерти, изведби што ќе се паметат заокружи оваа сезона на Филхармонијата, која утревечер ќе биде и официјално затворена. Концертот „Слобода“ според делото „Реквием за војната“ на Бенџамин Бритн е комплексно дело кое ќе биде изведено утревечер во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Ќе настапат Весна Ѓиновска-Илкова, учествуваат Камерниот и симфонискиот оркестар на Филхармонијата, Хорот на Софиската филхармонија, Детскиот хор при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, како и солистите Горан Начевски и Стеван Каранац од Србија. Диригент е маестро Бенјамин Шварц (Израел/САД)
Со Тина Иванова, директорката на Филхармонија разговараме за тоа каква сезона испраќаме и кои беа најголемите предизвици.

Каква сезона затворате? Дали сте задоволни?
– Затвораме една навистина прекрасна концертна сезона, полна со разновидни музички настани, различни во концептуална смисла, во естетска, во стилска, со концерти кои беа наменети за различни профили на љубители на уметноста. Јас лично сум навистина задоволна од сите концерти штo ù се случија на Филхармонија во изминатиов период. Се надевам дека истото чувство го дели и публиката, со оглед на тоа што имавме преполни сали, па дури и во време на пандемија, онолку колку што дозволуваа протоколите. Затоа што, мошне различно се перцепира она што ние како тим во куќата го работиме, целиот процес на создавање, до она што како краен производ го консумира слушателот. Среќна сум што секоја идеја, колку и да се чинеше неизводлива и макотрпна, се реализираше. Воведовме многу новитети во нашата институција, изведовме премиерни дела за кои одамна сонувавме, а на концертите им дадовме нова визура, нов пристап.
Каков ќе биде утрешниот концерт?
– Во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ утревечер ќе се одржи долгопосакуваниот грандиозен проект „Реквием за војната“ од најпознатиот британски композитор на 20.век – Бенџамин Бритн. Ова дело кое се смета за голем залак во класичната музика од изведувачки, но и од слушачки и организациски аспект, за нас е огромен предизвик и се надевам дека ќе помине сè во најдобар ред. Просторот ќе биде исполнет со четири ансамбли – голем симфониски оркестар, камерен оркестар, голем хор и детски хор, како и тројца солисти и тројца диригенти. Гостин е фантастичниот маестро Бенјамин Шварц кој е главен протагонист и еден од оние диригенти кој работи токму ваков тип на музика, вокално-инструментална и кој засега функционира заемно со оркестарот беспрекорно. Сакам да им се заблагодарам на сите музичари на сцената, а посебно на диригентите Ангел Спироски, кој го подготви Камерниот ансамбл и на Бехар Весели, кој го подготви детскиот хор составен од ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Во овој проект ќе гостува Националниот хор на Софиската филхармонија и солистите: Весна Ѓиновска-Илкова, сопран, Горан Начевски, баритон и Стеван Каранац од Србија, тенор.
Во Бритн се крие вистинска мудрост и уметничка големина. Во „Реквием за војната“ тој тргнува од феноменот на светото во својот хуманистички ангажман. Делото е напишано по повод отворањето на новата катедрална црква Св. Михаел во Вест Мидлендс, изградена на темелите на старата, срушена во нацистички воен напад. И затоа постојано се изведува во цркви и катедрали. Идејата е безвременскиот однос кон мирот и хуманоста.
Уште минатата година кога разговаравме со нашиот шеф-диригент, маестро Габриел Бебешелеа, за некои програмски решенија, една од идеите беше и „Реквием за војната“. И токму за затворање на сезоната поради големината на делото во секоја смисла. Големо во неговата филозофска идеја, во неговиот хуманистички приод, и како заокружување на почетокот со Данте и неговата „Божествена комедија“ – лајтмотив кој се провлекуваше во текот на целата сезона низ програмите. Одлучивме да го изведеме во црква, за максимално да ја доловиме автентичноста. Изразувам огромна благодарност до Неговото Блаженство Г. Г. Стефан и Македонската православна црква што ни излегоа во пресрет да можеме да го искористиме просторот во Соборниот храм и да го слушнеме делото во таков амбиент со таква акустика. Се чини на таква возвишеност размислувал и самиот Бритн, меѓу другите негови креативни и интелектуални елементи кои ги внел, а кои го чинат богатството на творбата.
Филхармонија за првпат концертира во овој амбиент, воедно и за првпат во Македонија се изведува воен реквием. Испраќаме порака за мир, порака за слобода. Зборуваме за слободата, исто како и Бритн, како последен крик по која трага човекот. Особено денес, кога размислувањата за неа се толку актуелни и толку важни.

Кои концерти би ги издвоиле од сезоната што мислите дека оставиле печат?
– Можеби сум здодевна кога повторувам дека секој концерт е важен, затоа што секој засебно носи одредена тежина, квалитет и убавина. Но, еве, ќе ги споменам: Симфонискиот концерт за деца „Филхармонија патува во вселената“ кој донесе новитет во начинот на кој и понатаму треба да им пристапуваме на младите, едукативно, а беше поткрепен со извонредни визуелизации, потоа „Волшебната хорна“ на кој гостуваше фантастичниот хорнист Марк Грубер, „Теремин – вокс фантазија“ кога за првпат кај нас се изведе музика на овој инструмент, концертот на фантастичните „Баланеску квартет“, маестралната изведба на „Реквием за мојот пријател“ од Збигњев Прајснер кој доживеа премиера, гостувањето на маестро Вања Николовски-Ѓумар и посветата на неговиот брат, маестро Саша Николовски-Ѓумар со изложба на негови уметнички слики и поезија, брилијантната виолинистка Сајака Шоџи и концертот „Манфред“.

Потоа, премиерата на дела од современите композитори Дојна Ротару и Калеви Ахо (патем Ахо дојде во Скопје, инаку е еден од најголемите живи композитори), концертот за Денот на вљубените „Француски бакнеж“ со атрактивните „Ана Кап Трио“, „Звукот на Ориентот“ со Марсел Калифе на уд и маестро Лубнан Балбаки од Либан, „100 метрономи“ со Андреј Коробејников на пијано, кога за првпат се изведе и делото „Симфониска поема за 100 метрономи“ од Лигети, премиерната изведба на „Музика за 18 музичари“ од големиот Стив Рајх, концертот на „Архангел“ во Градскиот парк, бројните камерни концерти од кои посебно го издвојувам циклусот „Филхармонија за Филхармонија“ кој го воведовме како новитет, концертите посветени на Данте Алигиери по повод јубилејот кој и светот го одбележа итн.

Списокот е долг, да не ги набројувам симфониите на Малер, Бетовен, Брамс и сите останати солисти и диригенти кои и дадоа убав тон на сезоната насловена „Филхармонија во движење“.
И навистина, тоа беше сезона во движење, без ниту еден миг на пауза и во најтешките времиња, без здив, но со голема желба да работиме и да го дадеме својот креативен поглед и од другата страна на сцената.





