Со ревија на најзначајните филмови, „Вардар Филм“ одбележува 75 години постоење

Со ревијална програма која ќе се состои од најзначајните филмски остварувања создавани во најплодните години, ќе биде одбележан јубилејот 75 години од основањето на „Вардар филм“. Во периодот од месецов до декември, секој петок во 20 часот ќе прикажуваме филмови во салата за проекции „Вардар филм“, а ќе се паузира во јули и во август. Проекциите ќе бидат бесплатни и ќе се одвиваат со претходна  резервација со оглед на тоа дека салата е мала и има ограничен број на седишта, најави денес директорот Сани Саиди.

„Вардар филм“ како продуцентска куќа има реализирано над петстотини филмски дела. Опусот е разновиден и вбројува долгометражни и краткометражни играни, документарни и анимирани филмови, како и филмски журнали. На публиката веќе и се познати делата, бидејќи се работи за најзначајните и наградувани филмски дела од ризницата на Вардар филм од  периодот 1952-1997 година, кои всушност ја претставуваат македонската кинематографија од тој период – вели Саиди.

Тој сподели дека салата за проекции е веќе реновирана и дека во неа ќе може да одговирна потребите на филмската фела.

– Салата за проекции која не беше во функција над 20 години, но ланската година успеавме комплетно да ја реновираме и опремиме со нова техника, и која сега може да одговори на потребите на филмската фела како и љубителите на седмата уметност. Воедно, би сакал да напоменам дека во петок со првата проекција, салата за прв пат ќе биде отворена за јавноста и пуштена во употреба – вели Саиди.

Во рамките на програмата, во септември „Вардар Филм“ ќе ги отвори вратите и ќе се реализира и OPEN WEEK, со цел секој граѓанин и филмски љубител да може да нè посети и одблиску да се запознае со сегашното делување и тековните активности на установата, но и со нејзината богата историја.

Саиди најави и дека веќе се работи документарен филм посветен на јубилејот. Филмот е поддржан од Агенција за филм, во режија на Владимир Блажевски, а во продукција на „Галактика Пикчрс“ со продуцент Буњамин Куртиши и Фидуш Алиу, додека директор на фотографија е Дуле Кардале.

– Изразувам голема благодарност до нив, што ја препознаа идејата да се претстави целокупното долгогодишно дејствување на „Вардар филм“ сè до денес, кога се обновува и модернизира и ја има функцијата како сите филмски центри низ Европа и светот. Одбележувањето на  јубилејот би се крунисало со голема манифестација кон крајот на оваа година, каде премиерно ќе се прикаже документарниот филм – вели Саиди.

Сподели