„Од атом до шрафче, наука за секое главче“ е насловот на научната конференција што ќе се одржи во сабота во организација на Фондацијата „Кантарот“. Темата на конференцијата е популаризација на науката кај најмладите и се состои од два дела. Во првиот дел од 12 до 15 часот, под водство на искусни научници ќе бидат организирани интересни работилници во живо со деца од 7 до 12 години.
„Пет зошто, пет затоа“ е наречен првиот дел од работилницата од 12 до 13 часот. Тим од платформата „Наука за деца“ (која е дел од Фондацијата „Кантарот“) подготви пет интерактивни активности кои ќе ја поттикнат детската љубопитност и ќе ги запознаат децата со научниот метод. Од 13 до 15 часот ќе се одржат „две во едно“ научни работилници за деца. Во првата децата ќе можат да научат како да направат холограм со д-р Менка Стојанова, а во втората ќе се сретнат со светот на магнетите со м-р Драгана Стикова и д-р Никола Стиков.
Бројот е ограничен на 50 деца, а принципот за учество е: прв пријавен – прв прифатен. Учеството на работилниците е бесплатно, а пријавувањето е на линкот. Сите што ќе го пријават своето дете ќе добијат повратен одговор за потврда на учеството.
Вториот дел од конференцијата ќе се одржи онлјан од 15.15 до 17.45 часот и е наменет за родителите, наставниците и широката публика. Преку два научни панела, десетина истакнати македонски научници и професионалци ќе ја презентираат својата визија за иднината на образованието и научното описменување. Овој дел од конференцијата ќе се одвива online и сите заинтересирани ќе можат да го следат преку Фејсбук-страницата на Кантарот.мк. Конференцијата е финансирана од С(ц)иеста заедницата, која ја сочинуваат над 300 научници родум од Македонија.





