Умно е да имаш наставник што ги мотивира учениците да бидат креативни

Следејќи ја фејсбук-страницата на Umno.mk ми паднаа во очи умните работи што таму се поставуваат и помислив дека е умно да ги пополниме празните ѕидови од ходниците со умни работи, вели Горан Манев, наставник по информатика во гевгелиската гимназија

„Умно е да не бегаш од часови“, „Умно е да не спиеш на час“, „Умно е да не доцниш на училиште“… Ова се само дел од пораките што од неодамна се на ѕидовите во гимназијата „Јосиф Јосифовски-Свештарот“ од Гевгелија. Наставникот по Информатичка технологија во гевгелиската гимназија, Горан Манев, најде начин како да ги измотивира учениците да бидат креативни како дел од темата за изработка на мултимедијални содржини – веб-страници, презентации, брошури, постери.

Токму содржината на нашиот портал за образование, наука и култура Умно.мк го измотивирала за да се обиде и на учениците да им најде нов предизвик.

– Следејќи ја фејсбук-страницата на Umno.mk ми паднаа во очи умните работи што таму се поставуваат и помислив дека е умно да ги пополниме празните ѕидови од ходниците со умни работи. Секако, со претходна согласност да го користиме #УМНО како мотив. Идејата беше одлично прифатена и покрај тоа што задача им беше да смислат по една, многу од учениците направија по 2-3 умни работи – вели Манев.

Наставникот кој предава повеќе од 20 години во ова училиште вели дека сите многу позитивно ја прифатиле и дека не било тешко да ги измотивира своите ученици кои се од различни струки.

– Креативноста не им недостига на учениците. Покрај универзалните, имаше и актуелни, во моментов, умни работи, за Гоце Делчев, на пример. Според мене, многу поважно е учениците да се поттикнат на креативност преку изработка на проекти кои оставаат подлабоки, како физички, така и ментални траги, отколку фактографско учење лекции кое за кратко време бледнее и се губи ако не е соодветно поврзано со реалниот живот – категоричен е Манев и додава дека со еден клас се договориле да подготват и пораки на тема одржување на хигиената во тоалетите.

Средношколка од гимназијата вели дека проектот „#Умно е“ ги поттикнал на еден забавен начин да ги искажат своите мислења и ставови.

– Секој од нас имаше можност да напише фраза за која смета дека некому би му го привлекла вниманието барем на кратко и прилично успеавме во тоа. Позитивните коментари од персоналот на училиштето ни се знак дека напишаното е навистина умно – вели средношколка од гимназијата.

Вежбата „Умно е“ беше интересна и доста едукативна, вели нејзина соученичка.

– Јас лично мислам дека беше добра идеја да се испечатат пораките на хартија и да се закачат низ цело училиште и секој да може да ги прочита, зашто се кратки и разбирливи.

Сподели