Мора да им помогнеме на децата да станат отпорни за да се справат со неизвесноста

Кога инвестираме во образованието, ние инвестираме во нашите деца за да овозможиме да стекнат нови вештини и да ги развијат своите капацитети. Тоа значи дека овозможуваме да бидат поподготвени да влезат во нови предизвици и да создадат подобра иднина за себе и за својата земја, рече Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во земјава, вчера на отворањето на конференцијата посветена на врската меѓу добросостојбата и постигнувањата на децата. Конференцијата што во хотелот „Александар Палас“ ја организира Владата, заедно со Амбасадата на Обединетото Кралство и УНИЦЕФ во земјава трае два дена со излагања и дискусии на важни чинители на образовниот процес кај нас.

На конференцијата се обрати и премиерот Димитар Ковачевски.
– Ја гледам оваа конференција како сериозен ресурс на сознанија и препораки кои се добредојдени во креирањето политики за децата во образовниот процес и на синергијата на тие политики врз програмите на Министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика – рече Ковачевски.

Конференцијата истражува како родителството, предучилишното и основното образование да ги поддржат напорите за изнаоѓање рамнотежа меѓу стремежот за иновации, конкурентност и напредок со едновремено промовирање солидарност, добросостојба и холистички развој на секое дете.

– Поддршката што им ја даваме на децата во текот на детството е најголемата можна инвестиција што една земја може да ја направи во насока на посигурна, отпорна, одржлива и просперитетна иднина. Мора да им помогнеме на децата да станат отпорни за да се справат со неизвесноста, а исто така мора да ги поддржиме да стекнат вештини што им се неопходни за обликување на подобра иднина за сите” – рече претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани.

Поаѓајќи од ставот дека основите на емотивната добросостојба и менталното здравје се градат во раното детство, првиот ден од конференцијата ги истражуваше различните начини на негување холистички развој на децата во раното детство во градинките и дома.
– На сите семејства им е потребна поддршка во растењето и воспитувањето на децата, но на ранливите семејства, кои се соочуваат со дополнителни предизвици, како сиромаштија, инвалидитет или социјална исклученост, им треба уште поголема помош, и тоа преку сеопфатни услуги од полето на социјалната заштита, здравството и образованието – рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

На тема „Социјално и емоционално учење во занималните/Моменталната состојба и следните чекори“, дебатираа универзитетските професори Кирил Барбареев, Лена Дамовска, претставници на градинки, на ресорното министерство. Денешниот ден ќе биде посветен на образовниот систем и можностите и ризиците што произлегуваат од дигитализацијата и важноста од психо-социјална поддршка и добросостојба во текот на образовниот процес и подоцна во зрелата возраст.

Конференцијата ќе заврши со дополнителни согледувања и заклучоци во три области: програми и политики за родителите за да развијат родителски вештини и да се грижат за своето ментално здравје и добросостојба, подобар пристап и квалитет на предучилишното образование и спроведување програми за учење за поддршка на холистичкиот развој на децата, реформа на образованието за преосмислување и ревитализација на учењето и обезбедување психо-социјална поддршка на наставниците за да останат движечка сила на реформите во образованието.

Сподели