Во палатата „Зорзи“ се монтира македонскиот проект за Венециското биенале

Проектот „Сега“ е на група архитекти предводени од кураторот Бекир Адеми и Јордан Шишовски, ко-куратор

Во палатата „Зорзи“ во Венеција на 20 мај ќе биде промовиран проектот „Сега“ од група автори со кој официјално ќе биде отворен македонскиот павиљон на 17. Венециско биенале за архитектура што ќе трае до 21 ноември. Импресивно изгледа проектот на нашиот официјален претставник – Бирото за инвентивна архитектура БИНА од Скопје. Стотици дрвени греди прицврстени на метална конструкција висат и формираат огромна разиграна структура.

– Подготвени сме! – велат од Националната галерија на Македонија која го организира претставувањето на престижната манифестација.

Проектот „Сега“ е на група архитекти предводени од Бекир Адеми, куратор на изложбата. Ко-куратор е Јордан Шишовски, а комесар – Дита Старова-Ќерими, директорка на НГМ. Коавтори се Ана Рафаиловска, Ивана Чалоска, Енис Абовски, Енес Север, Амина Адеми, Атанас Наумовски, Гаврил Бошковски, Аида Бакали Салиху, Дрен Невзати, Елмедина Хасани, Нита Чаволи. Аудио инсталацијата е на Владимир Лукаш. Соработници во проектот се професорот Ферид Мухиќ и Рамуш Муарем.

– Флуктуацијата на општествените чинители чија аспирација е заеднички живот, надминувајќи кохабитациски разлики без да ja дезинтегрираат индивидуалнaта сфера, е вистински предизвик сега. Процесот на самосвесност може да се развие во две насоки – кон човечките микрочинители или кон структурите од човекот направени – пишува во каталогот за проектот.

„Како ќе живееме заедно?“ е темата на годинашната интернационална изложба на Венециското биенале за архитектура. Куратор е либанскиот архитекст и едукатор Хашим Саркис, професор и декан на Школата за архитектура и планирање на Универзитетот МИТ во Масачусетс. Биеналето ќе биде отворено традиционално од 20 до 22 мај за затворена публика – архитекти, куратори, директори на институции, историчари на уметност, медиуми. Церемонијата за доделување на наградите е закажана за 22 мај кога манифетстацијата ќе биде отворена за сите, сè до 21 ноември. На интернационалната изложба учествуваат 112 проекти од 46 земји.

Македонија се претставува на Венециското биенале за архитуктура од 2006 година.

 

Насловна фотографија: Национална галерија на Македонија

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

 

Сподели