Актерот Кирил Псалтиров, еден од доајените на Македонскиот народен театар, почина вчера на 79-годишна возраст. Псалтиров беше неразделен дел од театарот и секогаш дел од нас ќе биде неговата посветеност кон театарот и големиот број на одиграни улоги, велат од МНТ.
Актерот Кирил Псалтиров, кој е роден во Кочани, дипломира на отсекот за актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како дел од првата генерација дипломирани актери. Целиот работен век од 1974 година до пензионирањето го помина во МНТ.

Псалтиров заедно со П.Арсовски, Ѓ.Колозов, Г.Влахов, А.Дуковски, М.Тушар, С.Каранџулоска и С.Киселичка ја сочинуваа првата генерација дипломирани актери
Првата улога ја има во претставата „Јунона и Паунот“ (1971), а последна улога му е онаа на Љупче во „Писание“ (2002). Во аналите на МНТ ќе остане запомнет како Тевје во „Свирач на покрив“ (1983), но и по улогите на Освалд во „Крал Лир“ (1972), Оберлајтнант фон Балочански во „Господа Глембаеви“, Крам во „Бертолт Брехт пред комитетот за антиамериканска дејност“ (1977), Д-р Нинковиќ во „Госпоѓа министерка“ (1977 и 1983), Феѓка во „Бесови“ (1978), Ампо во „Чорбаџи Теодос“ (1978), Завиша во „Војна и мир во Груда“ (1981), Попот во „Макавејски празници“ (1983), Боб Мојра во „Бог“ (1984), Солин во „Забуни“ (1989), Кралот Едвард во „Ричард трети“ (1990), Кардиналот Донателов во „Еригон“ и други.

Во сцена од Народни приказни (Канал 5)
Псалтиров ќе остане запомнет и препознатлив и по филмските и телевизиски улоги, меѓу кои: „Пред дождот“, „Најдолгиот пат“, „Време води“, „Пресуда“, „Мисија Лондон“, но и „Волшебното самарче“, „Во светот на бајките“, „Тврдокорни“ и „Македонски народни приказни“.
Поради мерките за ковид-пандемијата, комеморацијата за актерот Кирил Псалтиров нема да може да се одржи.





