Неприфатливо е да се вакцинираат децата за да се заштитат возрасните што одбиваат вакцина!

Треба да се вакцинираат децата со хронични болести, ризичните и имунодефицитарните, заклучија научниците на дебатата „Ковид – две години подоцна“

Отштета од десетици илјади евра може да добие секој работник во Македонија што се заразил од ковид-19 на работното место ако докаже дека работодавецот не ги исполнил обрските за заштитa од болеста. Нема логика да се вакцинираат децата за дa ги заштитат возрасните и ризичните групи, а тие одбиваат да се вакцинираат. Треба да се вакцинираат децата со хронични болести, ризичните и имунодефицитарните. Во пандемијата од ковид-19, науката стана заложник на политиката и тоа многу тешко ќе се поправи. Ова се дел од поентите на првата јавна научна дискусија „С(ц)иеста“ што се одржа вчера на платформата „Зум“, а ја организираше Фондацијата за наука, култура и ментална фискултура „Кантарот“.

Темата на дискусијата беше „Ковид – две години подоцна“, а дебатираа тројца професори од Медицинскиот факултет во Скопје: проф. д-р Драган Даниловски, специјалист по епидемиологија, проф. д-р Никола Пановски, специјалист по медицинска микробиологија и проф. д-р Елисавета Стикова, специјалист по медицина на труд. Низ темите ги водеше д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и истражувач на Институтот Каролинска во Стокхолм.

Околу 450 слушатели во живо ја следеа дебатата. Присутните ги поздрави д-р Никола Стиков, професор на Универзитетот во Монтреал кој заедно со сопругата Драгана ја основаше Фондацијата „Кантарот“ во чии рамки дејствуваат и платформите „Наука за деца“ и „Обични луѓе“. Тој објасни како пред две години почнале онлајн-средбите „С(ц)иеста“, откако светот се затвори со почетокот на пандемијата.
– Првата „С(ц)иеста“ беше токму со истите панелисти. Се собравме да се обидеме да објасниме што се случува, со што се соочуваме. Така тргнаа овие средби на различни теми. Ова е прва јавна дебата на која ќе се обидеме да одговориме како Македонија се справи и се справува со ковид-19 – рече Стиков.

Каде потфрливме

Панелистите се осврнаа на многу аспекти со болеста во изминатите две години. Македонија е една од најпогодените земји во светот од ковид-19 и шеста земја по смртност на населението. Но, ако одзумираме, многу сме слични со земјите во регионот и во Европа. Еден од примерите за тоа е антиваксерското движење и силниот отпор кон вакцинација.
– Во регионот сите сме мали земји, носиме слични искуства од минатото, импровизираме, се водиме повеќе по искуства отколку според протоколи. Ковид-19 не беше новина само за нас, сите професионалци во светот се соочија со нешто ново. Што нè доведе како професионалци да сме незадоволни од тоа што се презема? Ние и пред две години инсистиравме на законски и етички аспекти низ кои ќе се движиме со ковидот. За жал и нам и на земјите од околината ни недостасигаа модерни, современи протоколи. Неконсеквентноста предизвика недоверба во институциите и им даде ветер во грб на сите оние кои имаа недоверба во институциите – објасни Стикова.

Според Даниловски, западниот свет од почетокот ја негираше опасноста, уште кога се појави вирусот во Кина, дури и кога Светската Здравствена Организација прогласи вонредна сосотјба, кога колабираше Италија.
– Не ни беа доволни информациите од Вухан, затворавме очи пред вистината. Ароганција, самобендисанист на западното општество. Џабе технологија и наука ако општествата не научија да ги едуцираат своите припадници дека заедништвото треба да биде примарен мотив во животот. Кај нас дојде до израз индивидуализмот, не покажавме дека сме синхронизирано општетсво, имаме тенка фасада на успешна приказна. Не бевме спремни да признаеме дека ни се заканува општа глобална криза. Нормално, се појави егоизам особено изразен кај богатите земји, па вакцинален национализам и тоа сè уште постои. Сè додека не се свестиме дека ни треба солидарност на планетарно ниво, ќе се влечкаме и со омикрон и со мегатрон и со уште што не друго – дециден е Даниловски.

Со маска на планина, без маска во кафеана

Според него, граѓаните немаат доверба во институциите и тоа е една од каратеристиките на капитализмот. Па секој обид за преземање мерки во западниот свет, работничката класа го доживуваше како обид да се контролира масата и голем дел од граѓаните се приклонија на теории на заговор.
– Проблемот е со непочитување и неконзистентност во мерките, изјавите, препораките кои требаше да се донесуваат исклучиво на научна база. Плус фактот дека брзо беа подготвени вакцините, па се создаде плодна почва дека се генетска терапија, чипови ќе ни внесат… Масло во огнот налеваа и одредени колеги, научници кои од лукративни прични поддржуваат теории на заговор. Тоа уште се случива. Како планета не успеавме да изведеме „блицкриг“, удар на вирусот преку рамномерно вакцинирање на целиот свет – рече Даниловски.

Според Пановски, пред две години регионот и Македонија добро почна да се справува со пандемијата, како и сите земји од југоистокот.
– Дејствуваше стариот систем, ги имаме сè уште регионалните центри за јавно здравје. Па почнаа нелогичностите – на планина и на нива да носите маска, а во кафеана не мора. Со вакви ставови студент на испит не може да помине. Да не се дозволеа свадби во затворено, ќе се избегнеше катастрофа во Тетово. На Балканот се рашири антиваксерско движење. И порано имало теории, бајачи доаѓале отсекогаш, па последните анкети покажуваат дека 57 отсто од населението не верува во вакцини… Се засили тоа движење преку социјални мрежи. И наместо секој ден на телевизија да гледаме кампањи за вакцинирање, по час и половина се емитуваат реклами за лек за простата – вели Пановски.

Тој е дециден дека во историја на медицината е нечуено тој што имал и прележал заразна болест да треба да се чува од болните.
– Па тие треба да ги лекуваат другите, да се мешаат со нив за уште повеќе да го зајакнат имунитетот и да станат отпорни и на другите варијанти на вирусот што доаѓаат. Па имате луѓе што тврдат дека вакциналниот имунитет е подобар од природно стекнатиот! И за ова ќе паднете на испит! На јавноста треба убаво да ѝ се објаснат нештата и тоа постојано да се прави зашто секакви тврдења предизвикуваат контраефект – вели Пановски.

Политичарите да ја почитуваат струката

Според Стикова, нивна основна заложба трена да биде зајакнување на местото на науката во овој процес, а политичарите да ја почитуваат струката.
– Работам во Институт за јавно здравје и сè уште не знам кој ги води статистиките! Многу измешани нешта ја изместија струката. Можби е неблагодарно да се посочи проблемот, но професионалците недоволно ја познаваат материјата. Сепак и тоа не е проблем, имаме доволно силни порфесионалнци и може да направивме силна мрежа. Професионалците уплашени од непознатотото немаа доволно сила да застанат зад своите ставови. Неколкумина професори што јавно се соочија со одлуките се Даниловски и Пановски и тие ги одбраа социјалните мрежи за да им помогнат на граѓаните. Ние не направивме проценки на ризик и толкму поради таа инсуфициентност имаме 7.850 мртви, 50 отсто смртност во болниците, немаме веќе луѓе што ги ставаме на респиратор… Без политичко влијание ние професионалците треба да ги водиме работите – вели Стикова.

Даниловски рече дека науката никогаш не била толку избрукана и компромирана како во пандемијата. Па така, науката се повела по ритамот на разни медиуми, инсистирање на следење на вести, пречести излегувања во јавност, пренесување на огромен број на информации според тоа што му одговара на медиумот, понекогаш и со политички заднини.
– Медиумите имаа големо влијание. Тоа е одраз на ситуацијата во целото општетсво. Во здравствениот систем се носат политички одлуки, не се слуша наукат. Две години укажуваме на сите нешта – никому ништо. Кога одлучуваат партиските војници, институциите не функционираат. И како да очекуваме објективен пристап во глобална катастрофа? Нити една институција нема план, стратегија за справување со кризата – вели Даниловски.

Во однос на најновиот сој, омикрон, Даниловски рече дека пред еден месец укажал дека мудро би било да се затворат границите и да е воведат ПЦР тестови и карантин за тие што немаат ПЦР-тест независно дали се вакцинирани или прележани. Досега ниту една мерка не е воведна.
– И сега би било паметно да се воведе таква мерка. Доаѓаат луѓе од дијаспора за празниците. Ова не го кажувам од параноја, туку мудар менаџмент во државен систем подразбира неколку чекори предвидување однапред. И нема да биде трагедија и ако не биде јак ударот – објаснува тој.

Работниците да си ги бараат правата

Според Даниловски, да не се појавел сојот омикрон Македонија би била на добар пат кон крајот на јануари да има 20 новозаразени дневно. За разлика од Европа, кај нас од 9 ноември има премаментно спуштање на бројките.
– Ако останеше делта ние го гледаме крајот на епидемијата во Македонија. Тоа значи дека ставката на имуност е многу висока, да не шпекулирам, некои пресметки кажуваат дека бројката на имуни е над 80 отсто. Но со појава на омикрон бројките може да растат, но катастрофални полнења на болниците нема да има. Во моментот не би воведувал рестрикции додека бројот не почне да расте – рече Даниловски.

Тој е категоричен дека бесмислено е децата да се вакцинираат за да ги заштитат старите и болните.
– Треба обратно да биде! Од она што е познато како поминуваат децата со болеста е доволно да не се посегне по нив, оние под 12 години. За мене е неприфталиво. Се разбира, тоа не важи за децата со хронични болести. Но само ризичните и имунодефицитарните да се вакцинираат – дециден е Даниловски.

Неговиот став го поддржува и Стикова:
– Кога ќе се вакцинираат сите возрасни групи, ќе видиме како ќе се развива, тогаш децата.

Пановски се надоврза дека децата во училиптата се по 30-34 во клас, седат во иста клупа, не се почитуваа протоколите. Огромен број на деца се со респираторни инфекции, но кога ќе ви закажат ковид-тест по 7 дена, тој е безвреден.
– Со омикорн и по 5 дена ќе биде безвреден. А нема термини во јавното здравство пред 7 дена. Не можам да разберам како светот ја сврте наопаку целата рабита?! Што е итно да се вакцинираат децата? Да ги видиме ефектите за 5 години. Се знае, вакцинирањето е за итна ситуација – вели тој.

Стикова се осврна на правата во време на пандемија за кои работниците воопшто не се информирани.
– Изготвивме многу алатки за зажтита на работниците во време на пандемија, властите за ниедна не нè послушаа. Тие што се заразија на работа имаат еден куп права според евриопските конвенции кои Македонија ги ратификувала. Зборуваме за 700.000 работоспособно население. И апелирам да ги искористат. Секој оштетен може да ги оствари своите права и да добие десетици илјади евра ако докаже на суд дека на работа го добил вирусот, ако работодавачот не ги презел сите мерки за заштита од ковид-19. Овие конвенции се над сите закони во Македонија! На овие луѓе одземени им се правата. Зошто ги закопувавме луѓето во лимени сандаци. Кој ќе им го плати сето тоа? – вели Стикова

Пановски е најмногу разочаран од здруженијата каде и самите членуваат, што не ги поддржале особено во борбата против лекувањето на ковид-19 со антибиотици и ограничувањата од 45 дена за сите што имаат прележано. Стикова се надоврза:
– Според европскиот вакцинален сертификат, кога треба да одиме во странство имаме 9 месеци по прележан ковид-19, а дома ни се важи само 45 дена! Тоа е апсурд и за таа недиследност зборуваме. Имаме добра регулатива, добри закони, немаме имплементација. Потребно ни е само информирани граѓани, професионалци со интегритет и политичка волја. Но, зад секоја одлука стои преговарање и тоа мора да го правиме – рече Стикова.

Следната „С(ц)иеста“ ќе се одржи во јануари.

Сподели