„Никогаш не кажувам“ можеби беше некоја важна точка во движењето по мојот животен пат. Повеќе како лична животна крстосница, од која ќе изберам нова патека. Човек минува низ неколку такви крстосници… некои се во облик на кружен тек, некои се автопати, а некои козји патеки – вели Трпкова.
Ако човек не расчисти со себеси, како ќе расчистува со тоа што го опкружува. Ако уметникот, пак, не се „разголи“ себеси, не знам како и со што би допрел до срцата на другите – вели Синоличка Трпкова, универзитетска професорка и актерка, која неодамна ја објави својата прва книга „Никогаш не кажувам“. Трпкова е будна критичарка на нашето општество. Што ја измотивира да ја создаде својата прва книга, за која уредничката Оливера Ќорвезироска напиша дека е брутално искрена.
„Никогаш не кажувам“ е Ваша прва книга. Тлееше ли долго во Вас?
– Да се пишува за нешто што тлее во тебе е навидум лесно. Но уметноста не е репортажа за нашата душа. Сите луѓе имаат своја приказна и сечија приказна е различна, дури и кога станува збор за идентични настани. Да се даде форма на тие приказни е нешто друго. Не е лесно да се биде искрен, а при тоа да не се влезе во ќорсокак со себеси или да не се биде патетичен. Кога човек сам себе ќе се начека во тесно е добар почеток за бавење со уметност. Следната фаза е веројатно, доброволно да се ставиш во најнепријатни ситуации. Во природата на човекот е да избегнува такви „средби“. Ако човек не расчисти со себеси, како ќе расчистува со тоа што го опкружува. Ако уметникот, пак, не се „разголи“ себеси, не знам како и со што би допрел до срцата на другите.
Претставува ли „Никогаш не кажувам“ еден ваш крик кон општеството, меѓу другото?
– Не. Општеството не е моја цел во „Никогаш не кажувам“. Ниту пак е напишана со намера некому нешто да каже или крикне. Можеше и никогаш да не излезе на виделина, доколку Оливера не ја турна од мене. Оливера е нејзиниот продуцент, ако говорам на филмски јазик. Јас ù дадов „сценарио“, а таа стокми „филм“. Кога долго живееш во Македонија, губиш контакт со себеси, но и со стварноста. Оваа книга можеби беше некоја важна точка во движењето по мојот животен пат. Повеќе како лична животна крстосница, од која ќе изберам нова патека. Човек минува низ неколку такви крстосници… некои се во облик на кружен тек, некои се автопати, а некои козји патеки.
Вие сте меѓу ретките академски професори кои зборуваат гласно за реалните проблеми во образованието, културната сцена, општеството. Интелектуалците се индиферентни, критичната маса кај нас речиси и да не постои. Покажува ли и тоа каде живееме?
– Секако дека покажува. Живееме во мала хаотична, екстремно корумпирана држава, во која политичарите, бизнисмените и олигарсите глумат дека им е важен обичниот човек. А обичниот човек одамна ги промашил сопствените крстосници, ја наведнал главата и тера по инерција. Живееме во земја во која ги убиваме младите таленти уште неиспилени. Ги јадеме за појадок, ги ставаме на евтини тезги, ги принудуваме да молат, да виткаат кичма, да бегаат надвор или да лепат плакати. Специјализирани сме да ги фатиме на време, како ревносни земјоделци што начекуваат штетници во нивата. Пред да ги отворат очите, пред да ја дигнат главата, им го кинеме цутот миг пред да нè заслепaт од убавина. Ете, таму живееме.

Ве радува ли работата со студентите? Ве одржува ли нивниот младешки дух?
– Секако дека ме радува. Затоа сум и толку искрена во описот на состојбата во мојата земја, што е узурпирана од опортунисти. Опортунисти – силеџии, што први стигаат до пленот, први грабаат, први седнуваат на фотелја, први стигаат до црвен семафор откако ќе те претекнат додека стоиш со автомобил на пешачки премин и даваш предност на пешаци. Опортунисти што се врзани и за фондови и за државни пари подеднакво, и по потреба. Опортунисти што ќе се здружат со ѓаволот, само за да ќарат први. А кога ќе ќарат, ќе се намерачат на друг извор. И така бесконечно. Тие се одлично вмрежени во хаосот. Тие се всушност главните одржувачи на хаосот.
Поради ковид-пандемијата, наставата втора академска година е онлајн, со по некои исклучоци. Како ова се одрази на реализацијата на програмата кај вас – се отворија ли можеби нови можности и начини за комуникација?
– Ќе има решенија за наставата секогаш, додека има жед за знаење. Но, ќе нема решение за тоа што те чека кога ќе се излезеш од клупите. И кога ќе треба да се влезе во реалниот живот, во кој ретко кој уметник се вклопува. Се вклопуваат тезгари и помодари, грабливци или послушници на веќе вмрежените, ако сакаат парче од лебот. Уметниците се главно осамени, на маргините на општеството. Тие се исклучокот од правилото.

Македонскиот театар како да задрема во овие две години. Се добива впечатокот дека недостига храброст, креативност да ù се понуди на публиката уметност и во пооскудни услови. Во ова особено се изгубија поголемите театри. Се согласувате?
– Не би рекла дека големите театри се изгубени. Напротив. Државата опскрбува 17 национални куќи. И ниедна не е изгубена. Пандемија или не, претстава или не – на први плата има. 17 национални театри, плаќани од државата! Германија, Франција и Холандија, заедно имаат толку. И да не заборавиме дека добар дел од вработените од една, редовно гостуваат во друга институција, и тоа за државен хонорар (покрај платата што ги чека секој први во матичната куќа, во која ретко кога работат). Или сосема спротивното – нема гостувања, но затоа театарот е узурпиран од неколку вработени, кои си го претвориле во своја „прчија“, додека останатите молчат.
Секако можеме да ставиме и розови очила и да разговараме за позитивните примери, во корумпираниот хаос. Како примерот со полу-празната или полу-полната чаша. Верувам дека на крајот ќе имаме два-три светли примера од националните и два-три од независните продукции. Пилето што е цел живот во кафез, не знае дека небото е негов дом. Така и ние. Изгубени во држава во која не постои хиерархија од квалитет, туку од моќ – не знаеме дека сме потонати во море од лаги и корупција.





