Селпин Керим, актер: Модиљани бараше да се нурнам во секој слој од неговиот живот

Најмногу ме трогна филозофскиот манир на Амадео Модиљани, што му го дава клучот на секој еден човек поединец на прашањето, што е всушност човек, со само неколку реченици изговорени – „Ако ти ја дадам душата, тогаш можам да ти ги насликам очите“, вели Керим

Речиси не може да се замисли претстава на сцената на Турскиот театар без него. Селпин Керим е актер каков што секој театар би посакал да има. Секогаш подготвен за нови предизвици. Неговата матична куќа за една година подготви дури пет претстави, на што можат да позавидат повеќето национални театри во земјава. Неодамна премиера имаше „Кројач на дами“ од Фејдо, во режија и адаптација на Синиша Евтимов. На неа претходеше „Вишновата градина“, а еден од поголемите предизвици му беше „Модиљани“ на независната сцена.

Прв пат соработувате со Евтимов, режисерот кој е препознатлив по комедиите што ги работи, кои секогаш се претвораат во хитови. Каква беше соработката?

– „Кројач за Дами“ во Турски театар Скопје е една од тие претстви на Евтимов. Одлично поминавме низ процесот, тој е елоквентен и прецизен. Иако навидум е спонтан, Синиша точно знае што сака да ѝ понуди на публиката, и како тоа да го извлече од актерската екипа. Заедно со неговиот соработник за костими и сценографија Александар Ношпал, како и нашиот ансамбл и помошно-техничката служба, на најпрофесионален начин создадовме уште една претстава во нашиот театар и соработка што ќе ја паметиме и зборуваме уште долго.

Во претставата „Модиљани“ го играте ликот на големиот ликовен уметник, Амадео Модиљани. Беше ли тешко да се нурне во неговиот свет?

– Го толкував животот на еден од најголемите мајстори на сликарството на 20 век, италијанскиот сликар и вајар познат како „метафоричен, преносен уметник“, препознатлив со уметнички дела и скулптури во модерен стил, по делата „лица без емоции“, големиот Модиљани… Од првиот ден почувствував дека бара друг пристап и специфика на работа. Не само со неговите насликани дела, тој успева да биде оригинален и незаменлив и со неговиот начин и пожртвуваност кон сликарството, односно вајарството и кон тенката „долга линија“ наречен „живот“, што се истакнува и одвојува од секој негов друг конкурент. Можеби најмногу ме трогна неговиот филозофски манир, што му го дава клучот на секој еден човек поединец на прашањето, што е всушност човек, со само неколку реченици изговорени – „Ако ти ја дадам душата, тогаш можам да ти ги насликам очите“.

Селпин Керим во улогата на Модиљани

Ако се појде од оваа точка што сериозно со длабоко и темелно истражување требаше да се посветам почнувајќи од најдетаљниот и најтенкиот и најдлабок слој на неговите дела и живот, сè до испуштањето на последниот здив. Беше примамливо, имав процес полн со предизвици, да се работи претстава за ваков гениј бараше голема пожртвуваност и нуркање, и секако, пред сè, тимска макотрпна работа. Заедно со моите колеги од претставата, на чело со режисерката Сибел Абдиу успеавме да направиме необична претстава, универзално разбирлива, препознатлива сензивитивна сценска симболика што допира до секој гледач.

Ова е продукција на независна сцена. Убаво ли е понекогаш да се излезе малку од своја матична сцена да се пресретнете со нови луѓе на нова сцена?

– Секогаш е убаво да се излезе од матичната сцена, се збогатуваш со искуство, плус и од креативен аспект се освежуваш. Иако работам на мој автентичен начин, самата работа на друга сцена и со други соработници ми дава елан да истражувам повеќе и подлабоко. Со оглед на тоа дека имам работено на повеќе проекти во државава, но и надвор од неа, моето досегашно искуство вели дека независната сцена сама по себе е една занимлива појава и платформа каде имаме можности за дополнително експериментирање. Во конкретниот случај со „Модиљани“ ова искуство беше еден активен и проактивен процес. Режисерката на почетокот од процесот нè извести дека ќе се стреми кон комплетно органска режија и глума, така што хиерархијата беше линеарна. Секој додаде нешто од себе, а по ист принцип работеше и кореографката Александра Кочовска-Начева која што преку вежби по метод на импровизации ги пронаоѓаше и ни ги даваше како задача конкретните движења во овој физички театар.

Бедиа Беговска и Селпин Керим во „Вишновата градина“

Чехов секогаш е предизвик за актерите. Годинава бевте дел и од „Вишновата градина. Какво патување беше ова за вас?

-„Вишновата градина“ беше патување за кое ќе зборуваме уште долго. Иако ова не е моја прва соработка со проф. Владимир Милчин („Чекајки го Годо“ Бекет, 2011 ) можам да кажам дека овој пат научив и пораснав уште многу повеќе. „Вишновата градина“ е класика и ние така ја подготвувавме, бевме голема екипа, во време на пандемија. Сепак успеавме да ја спакуваме во денешно време. Иако е класика, нашата претстава сепак зборува за многу актуелни проблеми на современото општество благодарение на концептот на режисерот, а секако и мајсторијата на А. П. Чехов.

Сцена од „Кројач на дами“

Турскиот Театар е еден од најдобрите театри во Македонија со децении препознатливи секогаш кога настапувате на фестивалот ,,Војдан Чернодрински“ каде се прави вид пресек на сработеното во претходната година. Се одрази ли ковид – ситуацијата многу во посетеноста на вашите претстави?

– Како и секаде во светот така и кај нас. Пандемијата си го направи своето, влеа страв во сите пори на едно општество. Но, ние во Турски театар работиме претпазливо според сите протоколи.

Го имате ли чувството дека македонскиот театар во последните две години како да го изгуби ритамот, посебно кога станува збор за поголемите театри? Се чини дека независните полесно се префрлија на онлајн-перформансите, се обидоа некако да ја одржат врската со својата публика.

– Повеќе од јасно е дека не само големите театри, генерално театарот во Македонија стагнира и не би навлегол во причините и дали тоа се должи на репертоарската политика на менаџерите или поради пандемија. Што се однесува на Турски театар морам да нагласам дека освен кога немавме дозвола првите шест месеци од пандемијата, што значи од септември 2020 г., не застанавме. Оттогаш до сега имавме пет премиери!

Што Ве очекува во 2022-та?

– Започнавме со пробите за претставата „Мадам Бовари“ според романот на Густав Флобер, а по драматуршка адаптација на Сашо Димоски во режија на Дејан Пројковски. Во фаза сум на преговори за нови предизвици, но сè уште не смеам да споделам.

Сподели