Марија Савеска без музика и танц не може да си го замисли секојдневието

18-годишната Марија Савеска од Скопје е една од девојките што учествува во изложбата „И јас сум тука“, што е поставена во Кинотеката на Македонија, проект чија цел е борбата со предрасудите кон лицата со интелектуална попреченост

Музиката ја прави среќна, а особено кога самата танцува или пее. Марија Савеска (18) посакува да има што поголема пристапност до секаде каде што сака да стигне, да може слободно да гледа театарска претстава, да оди на изложба, да не се чувствува дискриминирана…
Марија завршила средно училиште во „Браќа Миладиновци“ во Скопје оваа година. Средношколските денови и биле убави, се дружела со своите соученици. Таа не може долго време да чита и затоа во делот со учењето ѝ помагале родителите, ги слушала лекциите, па учела.

Во последните пет години е дел од танцовиот клуб „Еурека“, каде што беше првиот член во инклузивната група која веќе порасна во голема група и вклучува лица со различни попречености.

– Од мала го сакам балетот. Одамна сакав да играм, ама до многу студија немав физички пристап. Во „Еурека“ ми е многу убаво. На почетокот само јас бев со некаква попреченост, а потоа дојдоа и други што беа љубопитни. Така се измотивираа и други млади да дојдат – вели Марија.
Таа ја играше „Пепелашка“ (2019) во истоимената танцова претстава, а во ноември минатата година имаше премиера и „Ѕвонарот“..

– Ја спремавме комбинирано, некои групи беа онлајн, некои беа со физичко присуство. Некои имавме индивидуални подготовки и многу сум среќна што успеавме да направиме убава претстава. Имам повеќе трема зад сцената отколку кога ќе почнеме. Многу сакам да ја играме претставата во повеќе градови, а не само во Скопје – вели Марија.

Марија е вредна, посветена, позитивна, љубопитна, секогаш подготвена за нови предизвици, нови улоги и нови движења, вели Катерина Јолакоска, основач на „Еурека“.

– Сите овие карактеристики ја прават да биде посебна. Редовна на часовите и со секоја проба со секое движење се труди да биде уште подобра од предходното. Таа е главниот лик – Пепелашка во првата инклузивна танцова претстава „Пепелашка“. Во улогата се снајде одлично и ги надмина сите наши очекувања. Предизвик е да се работи со овие деца кои се неуморни и желни за настапи и нови предизвици – вели Јолакоска.

Во слободно време Марија сака да пее, да гледа филмови, да се дружи, сака да оди на изложби, лете оди на културното лето „Гола месечина“ во Аеродром. Некогаш ѝ се случува да нема соодветен пристап и да не може некаде да влезе.
– Ме поканија да настапам со сцена од „Малиот принц“. И на крај испадна главната актерка да игра горе на сцената, а јас долу зашто немаше како да се качам – се потсетува Марија.

Таа е категорична дека мора да се зборува повеќе за овие проблеми зашто само така може да има подобрена свест и поголема отвореност, пристап и вистинска инклузија.

Марија во улога во претставата „Ѕвонарот“

Периодов таа и нејзиното семејство се фокусирани на зајакнување на нејзиното тело, зашто вели дека поради онлајн-наставата и затвореноста во време на пандемијата, телото и ослабнало.

– Вежбаме секој ден, некогаш и по четири часа. Методата што ја вежбаме ја плаќаме приватно, тим од Белгија ја дава терапијата, а потоа нè обучуваат. Има и асистентка која вежба со неа, што ни е од голема помош. Асистентката ја добивме од скоро, затоа што според стариот Закон, моравме да почекаме да наполни 19 години – вели мајка ѝ Оливера.

Од летото наваму, Марија многу сака да ги посетува часовите по пеење на Андријана Јаневска. Тие се реализираат еднаш неделно. Таму е многу среќна, со радост раскажува како си поминала и многу ги сака другите деца, вели мајка ѝ.

Марија сака да чита книга. Ако станува збор за поголем роман, мора да го слуша како аудиокнига. Таа сака да се запише на факултет.

– Прво сакаше психологија, но ќе видиме, можеби ќе биде и некој друг факултет на Филозофскиот факултет – вели мајка ѝ Оливера.

Насловна фотографија: Тоше Огњанов

 

Сподели