Новинарката Сребра Ѓорѓијевска и фотографот Тоше Огњанов вечерва и утревечер во Кинотеката на Македонија ќе ги претстават импресиите од проектот
На почетокот на летово двајца долгогодишни колеги тргнаа на патување низ Македонија кое засекогаш им го смени погледот во очите, погледот на светот. Велат дека им е најемотивниот проект на кој работеле досега. На моменти им го пара срцето, па им го топли до точка на топење. Можеби затоа што никој не гушка толку искрено, како лице со попреченост.
Новинарката Сребра Ѓорѓијевска и фотографот Тоше Огњанов вечерва и утревечер во Кинотеката на Македонија ќе ги претстават импресиите од ова патување. Вечерва во 19 часот преку изложба на портрети на 20 лица со интелектуална попреченост кои ги запознаа летово, а утревечер во истиот термин со промоција на книгата „И јас сум тука“. Изложбата и книгата се дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт.

Сребра Ѓорѓијевска
– „И јас сум тука“ е едно големо патување и за нас. Се роди од потребата да зборуваме гласно за луѓето што се меѓу нас, а кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме. „И јас сум тука“ е можеби многу поважно патување за сите нас да се свртиме кон себе и кон другиот, да го погледнеме другиот и да му ја почувствуваме душата, која многу често е повредувана – вели Ѓорѓијевска.
Сè почнало преку нејзината долгогодишна соработка со Дејан Трајкоски, директорот на фестивалот „Про-За Балкан“. Ја привлекла идејата да се втурне во еден нов свет. Проектот се реализирал преку Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“, во кој таа активно е вклучена и во програмскиот дел.
– Можноста да се работи во меѓународна соработка, при тоа и на ваква важна тема беше голем предизвик. Проектот опфаќаше повеќе фази. Приказните ги направивме за нецели 3 месеци. Не беше едноставен патот, некаде не успевавме да ги убедиме семејствата да зборуваат, некаде коронавирусот знаеше да биде пречка или летниот одмор. Половина од приказните беа направени во Скопје, со голема поддршка на родителите. Многу ме изненади отвореноста, да се зборува за проблемите со кои се соочуваат. Не толку одамна имало многу семејства што буквално ги криеле своите деца со некаква попреченост. Сега многу полесно зборуваат и се отвораат кон светот. Направивме неколку приказни во Гевгелија, исто така и со лица со посебни потреби сместени во згрижувачките куќи „Порака Неготино“. Ги посетивме кога беа во Дојран на летен одмор и тоа за нив беше вистинско доживување – раскажува Ѓорѓијевска.

Во однос на борбата против предрасудите кон луѓето до интелектуална попреченост, таа вели дека не може да се каже дека нема помрднување и подобрување на состојбите во Македонија, но сè уште сме далеку од доволно развиена свест.
– Јас сум навистина убедена дека децата не се раѓаат со предрасуди и дека од нас возрасните ги учат сите стигми и пречки. Затоа можеби ваквите проекти се прво наменети за родителите. Во Македонија сè уште има ситуации кога родители бараат дете со некаква попреченост да биде изземено од одделението, има деца на кои нема кој да им отиде на роденденска забава – вели Ѓорѓијевска.
Таа смета дека ставовите лесно ги градиме, тешко ги надминуваме. Забележала реакции на деца кои гледале филм на оваа тематика: „Па, јас не знаев дека тие можат да прават толку многу работи?“
– Да допреме до неколку деца и родители, сме успеале. Мора да погледнеме подалеку од својот нос, да се свртиме едни кон други и да прифатиме дека сите заслужуваме исто место под сонцето. И да – и тие се тука меѓу нас и ја заслужуваат нашата почит – децидна е Ѓорѓијевска.
Огњанов вели дека најбитно од сè му било да ги запознае луѓето што ќе ги портретира. На почетокот разговарал со нив, се обидувал да најде тема со која ќе си го привлечат вниманието.

Тоше Огњанов
– Излезе дека успеваме многу бргу да се поврземе и да создадеме доверба едни кон други. Колку и да звучи необично, фотографирањето на овие мои драги пријатели, веќе ги нарекувам пријатели, беше многу полесно отколку на други фотосесии. Кај сите нив ја забележав потребата да бидат видени, да бидат слушнати и да има некој што ќе им посвети внимание. Насмевката што ми ја упатуваа, кога ќе го насочев апаратот кон нив беше нешто најтопло и најискрено што имам видено пред себе во сите овие години поминати со апаратот во рака. Во нивните очи и лица видов радост, смиреност, желба да се искажат себеси, неверојатно трпение помешано со љубопитност за тоа што го искусуваат во миговите на фотографирањето. Голема е веројатноста дека и така му пристапуваат на животот – со трпение, со отворено срце, со љубопитност и истрајност да ги надминат пречките што им се наметнати – токму тоа и се обидував да го „доловам“ преку фотографиите – раскажува тој.
Пред да се зафати со проектот најмалку што очекувал е дека патувањето низ различни делови од земјава ќе се претвори во патување кон промена на сопствениот светоглед. Колку и да велиме дека имаме разбирање за лицата, чии способности и потреби се малку поразлични од повеќето луѓе, тоа никогаш не го знаеме доволно додека не влеземе во нивниот свет.
– Дружењето со Вероника, Луна, Ива, Борче… не заврши со фотосесиите во текот на летото. Со нив продолжив да се дружам уште долго додека ги изработував фотографиите. Додека ги гледав нивните лица преку мониторот, како да имав повторни разговори со нив и сè повеќе разбирање кон нивната потреба да му кажат на општеството дека имаат чувства, емоции, стремежи, дека сакаат да успеат, да се социјализираат. Се надевам дека општеството, преку овие фотографии и преку приказните за нив, ќе сфати какви борци има тука, во сопствените редови, и дека треба отворено да им се подаде рака за да станат рамноправен дел и движечка сила на нашата современост – вели Огњанов.

Ануки Стуруа, проект-менаџер на „Децата не се раѓаат со предрасуди“ вели дека целта на проектот е да се смени стереотипното однесување кон луѓето со попреченост, да се намалат стигмите и да се крене свесноста за интелектуалната попреченост. Според неа, Македонија има направено чекори кон оваа насока, но има уште многу работа да се заврши кога станува збор за интеграцијата на лицата со посебни потреби во општеството.
– Веруваме дека овие видови средби и активности можат да промовираат поинклузивна средина и да придонесат да имаме отворено и толерантно општество. Многу сме среќни и ни претставува чест да работиме со нашите македонски партнери, кои се фантастични луѓе што придвижуваат работи. Веруваме дека заедно можеме да ги рашириме идеите за човековите права, еднаквите вредности, правата на лицата со попреченост да бидат видени, слушнати, да стојат во средиште и да блеснат – вели Стуруа.





