Нa македонскиот пазар од денеска е достапна првата македонска национална стриминг платформа – ГЛЕЈ (GLEY). Корисниците ќе имаат лесен пристап до најдобрата домашна и регионална продукција, детска програма, европски и холивудски филмови и серии, целосно локализирани на македонски и на албански јазик, без прекини за реклами и со имплементирана родителска заштита, рече на денесшната прес-конференција извршниот менаџер на „Свод мастер“, Дарко Перушески.
– ГЛЕЈ ги обединува македонските продукциски капацитети и им дава можности за забрзан развој на нови и постоечки проекти и создавање високо квалитетна програма – рече тој.
На платформата се достапен значителен број македонски филмови и серии со што се овозможува лесен пристап до домашната продукција. Поголем дел од македонските содржини ќе бидат дигитално ексклузивно достапни само на платформата. Посебен акцент е ставен на обработката на детската програма која е синхронизирана на македонски и албански јазик.
– Со ГЛЕЈ можете да бидете сигурни дека вашите деца гледаат програма соодветна на нивната возраст. Нуди и голем дел од брзорастечката регионална продукција, која во овој момент предизвикува голем интерес кај публиката на овие простори – објасни Перушески.
Содржините се достапни во висока ха-де резолуција со квалитетен звук на LG, Samsung и Android TV СМАРТ телевизорите, персонални компјутери, таблети или мобилни телефони. За таа намена се изработени апликации кои корисниците можат лесно да ги инсталираат на оперативните системи на телевизорите во Apple App Store и Google Play Store. Пристапот до програмите ќе биде со месечна претплата која е необврзувачка и корисникот ќе може да ја откаже кога сака. Корисниците можат да се регистрираат на gley.mk на својот компјутер или мобилен телефон. Сите што ќе се регистрираат до 30 ноември, ќе добијат 30 дена промотивен пробен бесплатен период.