Еразмус-проект одведе десетмина ученици на САБА во Шведска – непроценливо искуство што сакаат да го применат и дома

Ова е можност каде што ученикот ја има шансата да го даде најдоброто од себе, да се направи горд на себеси, на најблиските и, секако, на училиштето. Добив лични и кариерни придобивки. Сигурна сум дека ова ќе ме мотивира уште повеќе да напредувам во идните едукативни и животни цели, но и во мојот личен раст и развој како иден академски граѓанин – вели Ања Саздова, ученичка

Десетмина ученици од Приватното средно училиште САБА од Скопје во март имаа можност да присуствуваат на двонеделна пракса во неколку компании во Малме, Шведска. Оваа бесценета можност се случи благодарение на Еразмус проект EU Mobility Sverige, а не е прв пат за учениците од ова училиште да посетат некоја европска држава и да се вратат побогати со нови искуства и практични знаења. Досега заминувале во Германија, Италија, Шпанија, Португалија.

– Со оглед на тоа што Шведска е една од најразвиените држави во Европа со многу успешни компании, стартапи, но и многу можности за младите, сметавме дека учениците ќе имаат можност да научат многу доколку одат на пракса во некоја од тие компании во Малме – вели Ангела Неновска-Крстевска, координатор на САБА.

Шведската амбасадорка ги прими во Скопје

Секоја година кон крајот на првото полугодие се распишува конкурсот за избор на ученици од трета и четврта година. По пат на интервјуа се стигнува до најдобрите 10. Патувањето е целосно бесплатно за учениците, со покриени трошоци за пат, сместување, храна и пракса. Седуммина ученици работеа во компании за графички дизајн, изработка на веб-страници и програмирање, а три ученички од насоката бизнис работеа во компании за финансии и менаџирање на проекти.

– Искуството кое го стекнаа учениците е огромно. Тоа е едно животно искуство кое не само што ги надградува со знаења и пракса, туку и им отвора многу врати во иднина. Учениците се запознаа со искусни професионалци на кои им оставија многу добар впечаток со нивните знаења и начинот на кој ги завршија работните обврски, па затоа и добија одлични препораки од нив и покана за работа во иднина – вели Неновска-Крстевска.
Пред некој ден, нивното патување во Малме го поздрави и шведската амбасадорка во земјава која ги запозна учениците и го слушна нивното искуство.

Анастасија Христовска ја посетувала компанијата Majesty Bespoke. Предизвик и била работата како креатор на видео – од снимање и монтажа на самото видео, до усогласување и координирање со очекувањата на нејзиниот ментор.

– Секако со сигурност ја забележав разликата во тоа како функционираат компаниите во нивното општество и секој ден ми беше исполнет со нови предизвици и можности за учење. Оваа пракса беше премногу важна за мојот понатамошен развој и многу сум благодарна што ја добив оваа можност во средно. Не само што ми помогна во образовниот и професионалниот дел, туку и ми помогна да го проширам мојот видик за начинот на живеење во една европска држава – вели Анастасија и додава дека најважните и најубавите придобивки со кои се вратила во Скопје биле постигнатото искуство и знаење во областа на информатиката и, секако, незаборавните моменти и глетки.

Ања Саздова била практикант во одделението за маркетинг и адвертајзинг во компанијата Accord Skylt & Reklam, каде работеле по 6 до 8 часа. Заедно со нивните ментори работеле, анализриале, изучувале и стекнувавме практични вештини секој од соодветната област.

– Навистина бев изненадена од начинот на функционирање на вработените во шведски компании. Многу е различно од кај нас. Фокусот во шведските компании е секој да биде слушнат и секој да го има правото да сподели идеја како останатите, без разлика на тоа која работна позиција ја има во компанијата. Праксата во средношколските години претставува огромно искуство за секој амбициозен адолесцент кој има поставено високи цели, соништа и стандарди за самиот себе и за својата иднина. Покрај тоа што, нашето училиште ни овозможува квалитетна пракса во реномирани фирми и компании во Скопје, исто така, добивме можност уште повеќе да истражиме и искусиме, а со тоа и да си ги покажеме нашите силни страни на праксата во Шведска. Ова е можност каде што ученикот ја има шансата да го даде најдоброто од себе, да се направи горд на самиот себе, на најблиските и секако на училиштето. Добив лични и кариерни придобивки. Сигурна сум дека ова ќе ме мотивира уште повеќе да напредувам во идните едукативни и животни цели, но и во мојот личен раст и развој како иден академски граѓанин – вели Ања.

Конекциите и мрежите што ги стекнавме за време на праксата се еден од клучевите за успех на секој од нас. Огромна предиспозиција е уште во средношколските години да се има толку блиску воспоставена комуникација со луѓе од врвен манаџмент од напредна и развиена држава од ЕУ, посочува таа.

– Исто така, новите знаења и вештини што успеавме да ги стекнеме и тоа што ни беше детално доловена и искусена работната атмосфера во шведска фирма, ни овозможи полесно и посигурно да заклучиме каде сакаме да продолжиме со животот, кариерата и студиите. Од друга страна, пак, успеав да откријам мои нови јаки и слаби страни, да научам како да се справам со предивизвиците кои доаѓаат со кариерното место на кое бев распределена, да научам да се справувам со корпоративните проблеми и судири, како и уште повеќе да ја запознаам и да ги откријам слоевите и корените, а со тоа и уште повеќе да ја засакам кариерата за која мечтаам – вели Ања.

Заедно со Ања на пракса бил и Дамјан Пецевски. Баланс на работа и забава, така ги опишува двете недели во Малме.
– Бидејќи луѓето во Шведска ги вреднуваат и двете активности подеднакво, нашата агенда покрај целата работа се состоеше и од денови каде што имавме така наречен тим билдинг кој се изведуваше преку разноразни активности како што се куглање, посета на музеи и целокупно запознавање со шведската култура и начин на работа – вели Дамјан.

– Мислам дека многу од работите кои ги научивме и со кои се запознавме таму од тој аспект би придонеле позитивна промена во македонскиот работен систем, доколку ги примениме. Навистина неможе да се опише колку е важно за нас што бевме дел од една ваква обука, не верувам дека многу луѓе имаат ваква можност толку рано па дури и пред почетокот на својата лична кариера да искусат нешто вакво и да се запознаат со нови знаења кои понатака ќе им користат и контрибуираат првенствено кон нивен личен развој како луѓе, а и понатаму ќе им помогнат во професионалниот свет – вели Дамјан.

18-годишниот Ристе Стојанов, е голем IT ентузијаст. Трета година сум во САБА во насока информатика. Тој добил клиент на кого му била потребна помош со неговата веќе постоечка интернет-страница, како и да се направи уште една страница за друг дел од бизнисот кој го води.

– Секое утро од работната седмица по појадокот, се упатував кон своето работно место, како работна околина ја добив канцеларијата на клиентот, каде што и тој ги вршеше своите обврски. По работното време од 6 часа, слободното време најчесто го поминував запознавајќи ја Шведска и шведската култура. Иако праксата заврши јас се уште сум во контакт со клиентот, со цел неговата страница да ги задоволува неговите критериуми и да биде во добро одржана состојба – вели Ристе.

Најголем предизвик од праксата ми беше навикнувањето на режимот на работа, бидејќи начинот на кој функционира шведското општество не наликува ни малку на нашиот начин на функционирање во Македонија.
– Со оглед дека ова е мое прво работно искуство во Шведска, согледав дека начинот на работа е сериозен и бара посветеност на обврските. За мене оваа пракса е од голема важност, со оглед на мојата возраст, бидејќи уште на овие години можам да стекнам искуство, контакти, писма со препораки, проекти за во портфолио и други клучни нешта за мојот понатамошен развој и напредок. Искуството, со кое се вратив, за мене ја претставува најважната и најубавата придобивка од оваа пракса, истото можам да го кажам и за контактите кои ги стекнав и со кои разменивме идеи за понатамошна соработка – тврди младиот Ристе.

Сподели