Косара Митиќ ќе го снима својот прв долгометражен филм во Скопје и Битола

По повеќемесечни темелни подготовки, утре ќе започне снимањето на долгометражниот игран филм со работен наслов „17“, дебитантско долгометражно остварување на Косара Митиќ. Проектот е во продукција на „Црна мачка продукција“.

„17“ жанровски се дефинира како coming-of–age филм. Инспириран е од вистински настан и обработува тема посветена на младите во нивните критични тинејџерски години, кога тие се најранливи и под постојан притисок да се вклопат во средината и кога донесените одлуки може да остават длабока трага во нивните животи.
Кинематографер ќе биде Наум Доксевски, сценограф – Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимограф – Жаклина Крстевска.

Филмот ќе се реализира во копродукција со „Арт&Покорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, со поддршка од македонската Агенција за филм, Филмскиот центар на Србија и Словенечкиот филмски фонд. Филмската екипа која е ангажирана на проектот е составена од професионалци од трите земји копродуценти. Снимањето на филмот ќе се одвива на локации во Скопје и Битола. Сценаристи се Косара Митиќ и Огњен Свиличиќ, а продуцент – Томи Салковски и Кристијан Буровски.

Улогите ги толкуваат: Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.
Косара Митиќ е родена 1987 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, отсек филмска и ТВ режија во 2013 година во класата на проф. Столе Попов. Досега режирала неколку кратки филмови, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013) кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали ширум светот.

Сподели