Ученичката Мила Порјазоска ја доби наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“
Околу 150 деца на возраст од 7 до 12 години љубопитно слушаа зошто дводимензионалните предмети понекогаш ги гледаме и како тридимензионални, како мозокот понекогаш си поигрува со нас, колкава е веројатноста кога ќе фрлиме паричка да ни се падне петка или глава. Повеќе од два часа децата се одушевуваа на фактите што ги дознаваа и се радуваа кога ќе дадеа точен одговор на некое прашање. А погрешни одговори немаше, затоа што и преку нив предавачите ги насочуваа да размислуваат и да го откријат решението.

Децата викендов учествуваа на втората научна конференција „Наука за деца“ што ја организира Фондацијата „Кантарот“, а се одржа под мотото „Пуштете ја вашата научна фантазија“ во Меѓународното училиште „Нова“ во Скопје. Најголем дел од децата беа од Скопје, но имаше и од градовите од внатрешнста, па дури и од други земји. Работилниците ги водеа проф. д-р Никола Стиков од Универзитетот на Монтреал во Канада и д-р Тања Павлеска од Институтот „Јожеф Стефан“ во Словенија. Годинава фокусот беше на оптичките илузии и на законите на веројатноста.

Тања Павлеска
Во рамките на конференцијата беше отворена изложба на цртежи и дигитална уметност што во претходните месеци ги организираа платформата Наука за деца и „Кантарот“, а за првпат беше доделена и првата НЗД награда за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“, донација од проф. д-р Венка Симовска, професорка на Универзитетот „Архус“ во Данска. Наградата од 30.000 денари ја доби ученичката Мила Порјазоска. Бидејќи конкуренцијата била голема, од фондацијата одлучија да наградат уште четворица ученици кои влегоа во финалето: Теа Ангелова, Зоран Илиевски, Јаков Грујовски и Деа Ивановска. Тие добија стипендија од по 5.000 денари и менторирање од еден научник, член на семејството „С(ц)иеста“ (иницирано од „Кантарот“) во зависнот со афинитетот на ученикот.

Мила Порјазоска
Награди добија тројца наставници кои минатата година беа интензивно вклучени во работилниците за природни науки кои Наука за деца и „Кантарот“ ги организираа во основни училишта во повеќе општини низ Македонија. Тоа се Валентина Степановска-Андонова, Рајна Милисавова и Крунослав Прошев. Шестмина ученици (по три во две категории) добија дипломи за цртежите испратени на конкурсот и ваучер од по 1.000 денари од книжарницата „Полица“. „Чудна шума“ донираше три награди во износ од 1.500 денари, а ТРИ издвоија три награди од по 2.000 денари. Глеј.тв, пак доделија едномесечна претплата за сите учесници. Отсега видеата на Наука за деца ќе бидат достапни на оваа платформа.
Во категоријата до 8 години и помали наградени се Ана Илова, Софија Копанова и Љупка Милева. Во категорија над 9 години наградени се: Миа Несторова, Даниела Воденичарова и Дамјан Богоевски. Во категоријата дигитални цртежи награди добија: Јаков Груевски, Максим Ѓоргиевски и Дамјан Талевски.


Никола Стиков




Фото: Небојша Гелевски





