Децата природно се интересираат за наука – треба само да им ја пренесете на вистинскиот начин

НЗД конференциите ги гледаме како можност за учење надвор од стандардната училница и како важен механизам за поттикнување на активно учење и интеграција на науката во животот на децата, вели Драгана Стикова

Од самиот почеток па досега, „Наука за деца“ се труди да понуди нешто различно за децата. Конференциите ги гледаме како начин да ги мотивираме децата повеќе да се интересираат за наука, да истражуваат, да се прашуваат, критички да размислуваат, да споделуваат идеи со други деца, а и со возрасни, вели Драгана Стикова, директорка на фондацијата „Кантарот“ во пресрет на втората Научна конференција за деца која ќе се одржи задутре во училиштето „Нова“ во Скопје. Стикова која магистрирала образование на „Санта Клара“, еден од најстарите универзитети во Калифорнија, се навраќа на минатогодишните активности што ги спроведе платформата „Наука за деца“ во повеќе општини низ Македонија и за нововостановената награда „Иван Ќостаров“ која ќе биде доделена задутре.

Драгана Стикова

Што поточно ќе се случува на втората Научна конференција за деца во Скопје?

– И оваа година, во организација на Фондација „Кантарот“, ќе се одржи конференцијата „Наука за деца“ наменета за деца од 7 од 12 години. Оваа година мотото на конференцијата е „Пуштете ја вашата научна фантазија“, инспирирано од истоимениот ликовен конкурс што траеше цело лето. Конференцијата ќе се одржи во меѓународното училиште „Нова“, а ја замислуваме како научно-забавна авантура во која секое дете, без разлика на возраста и научната поткованост, ќе успее да разбере неколку научни концепти кои дури и за возрасните се мистерија.

Од минатогодишната конференција

Во утринскиот дел, од 10 до 12 часот ќе се одржат две работилници водени од наши врвни научници. На пладне ќе ги поканиме и родителите/менторите на децата за да ја проследиме заедно ликовната изложба, ќе прогласуваме победници и ќе доделуваме награди. Воедно ќе ги прогласиме и најзаслужните наставници кои нè следат и поддржуваат од првиот ден, кои макотрпно работат со децата и секојдневно им ја поттикнуваат љубопитноста за наука. На крај, ќе ја доделиме нововостановената награда за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“. Целиот настан ќе го завршиме со мини коктел за учесниците.

На првата конференција ви успеа 3 часа да го задржите вниманието на децата на високо ниво. Што е пресудно за тоа, со оглед на тоа што освен Вие која имате искуство во работа со деца, повеќето од предавачите се научници, универзитетски професори и нивното природно опкружување се возрасни луѓе?

– Најголем дел од дискусиите за време на подготовките на работилниците се токму на оваа тема. Научниците можеби имаат експертиза во својата област, но најчесто немаат искуство во работа со деца. Децата природно се интересираат за наука и лесно остануваат фокусирани дури и 3 часа доколку начинот на пренесување на научниот концепт е прилагоден на нивната возраст и нивниот начин на размислување.

Тука секако игра улога и атмосферата во која се обидуваме на децата да им пренесеме наука, затоа што успешна настава не зависи само од степенот на образование, туку и од пристапот и начинот на комуникација со децата. Инпутот од научниците е од непроценливо значење, ама најчесто подобро е покрај нив да има некој што ќе ги канализира нивните идеи, ќе ги прилагодува и моделира за да бидат соодветни за децата.

Во Македонија редовно се организираат работилници, курсеви, школи, но не и конференции за деца. Зошто е важен овој концепт за децата и како влијае на нивниот развој и љубовта кон науката?

– Од самиот почеток па до сега, Наука за деца се труди да понуди нешто различно за децата. Конференциите ги гледаме како начин да ги мотивираме децата повеќе да се интересираат за наука, да истражуваат, да се прашуваат, критички да размислуваат, да споделуваат идеи со други деца, а и со возрасни. НЗД конференциите ги гледаме како можност за учење надвор од стандардната училница и како важен механизам за поттикнување на активно учење и интеграција на науката во животот на децата.

Лани во договор со повеќе општини во Македонија одржавте серија научни работилници во основни училишта. Што научија децата, а какво искуство стекнавте вие, во Наука за деца? Што им недостига на децата на ова поле во рамките на редовното образование?

– Да, минатата година беше полна со работилнци низ неколку градови во Македонија. Децата научија дека науката не е само просто меморизирање на факти, туку дека може да биде и интересна. Децата ги фасцинира моментот кога можат да го допрат и видат тоа што им го објаснувате. Тогаш добиваат инспирација да постават прашање, им се развива тимскиот дух, па често ѕиркаат како испаднал експериментот и кај соседното другарче, па се нудат да помогнат доколку видат дека има проблем… сево ова им помага на децата да го заборават стравот од наука и да развијат љубов кон неа.

Ние пак, од друга страна, научивме дека децата сакаат да знаат сè, доволно е само концептот да го претставите на ним интересен начин. Тоа што често им недостига на децата во рамките на редовното образование е интерактивно искуство и можноста да ги истражуваат и применуваат научните концепти на практичен начин. Редовното образование често се фокусира на теорија и факти, и го занемарува магичниот ефект на практичната работа.

Како системски да се подобрат нештата?

– Подобрувањето на системот на образование во Македонија е комплексен предизвик. Во еден момент помисливме дека пандемијата ќе ги мрдне работите од мртва точка, но за жал може да констатираме дека образованието во 2023 е многу слично со она од 2019, а можеби и од 1999.

Во услови кога учебниците или не постојат или се полни со грешки, видео лекциите на Наука за деца се начин да се научи лекцијата без непотребно диктирање и препишување. Напредокот на вештачката интелигенција ни дава и нови идеи како да ги искористиме тие лекции за да создадеме персонализирани тутори. Сметаме дека во образованието е најважно да се користи индивидуален пристап, па во 2024 планираме да развиеме НЗД апликација со која секое дете ќе има свој личен виртуелен тутор.

Во пресрет на втората Научна конференција за деца, Фондацијата „Кантарот“ и платформата „Наука за деца“ востановивте нова награда „Иван Ќостаров“. Што ве инспирира за овој потег?

– Да, оваа година „Наука за деца“ заедно со проф. д-р Венка Симовска востанови нова награда за извонреден научен потенцијал во износ од 30.000 денари. Наградата е именувана по нашиот научник Иван Ќостаров кој за жал починал млад, но во текот на животот сакал да ги поттикнува младите луѓе да се интересираат за наука. Оваа идеја се крчкаше веќе една година. Сопругата на Иван, Венка, нè контактираше минатата година, веднаш после првата НЗД конференција, и рече дека се инспирирала од нашата иницијатива. А нас нè инспирираше тоа што Венка се инспирирала од нас. Убаво е чувството кога знаеш дека некого си поттикнал да добие толку прекрасна и благородна идеја.

Фото: Наука за деца

Сподели