Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија го објави 4. награден литературен конкурс „Раскажувам фотографија 2023“. Секој петок на Фејсбук страницата на Фондот ќе биде објавена по една фотографија и тема за која авторите треба да напишат расказ. Годинава ќе има вкупно 7 теми и фотографии, а најдобрите три ќе добијат парична награда – 25.000 денари за прво, 15.000 денари за втори и 10.000 денари за трето место. Расказите ќе бидат жирирани од стручни лица и докажани автори.
Фотографијата ќе биде лајтмотив за расказот, во кој треба да доминираат случувања од животот на Евреите во Македонија во минатото.
– Прифатливи ќе бидат раскази кои можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон искоренување на омразата и разградување на предрасудите, раскази кои придонесуваат соочување со минатото, холокаустот, емпатија, раскази кои ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите. Целта е да се поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е многу популарна, современа и широко прифатена од читателската публика и која има длабоки корени во сефардската раскажувачка традиција – велат од Фондот.
Според пропозициите, расказите не треба да бидат подолги од 100 реда (три страници со новинарски проред или најмногу до 7.000 карактери), да не биле досега објавувани или да биле во конкуренција во предходните конкурси „Раскажувам фотографија“, во нив да има елементи од јудаизмот. Право на учество имаат сите полнолетни лица, веќе афирмирани, но и оние кои
досега немаат објавувано. Секој учесник може да учествува на конкурсот со најмногу три раскази. Ракописите треба да се испратат на: info@holocaustfund.org.mk со назнака: За конкурсот „Раскажувам фотографија“.
Конкурсот почнува со објавување на првата фотографија и тема в недела (15 септември) денот кога започнува нова година за Евреите и празникот Рош Хашана, а последната на 27 октомври. Сите автори ќе можат да праќаат творби до 3 ноември. Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 20 неомври, а наградите на добитниците ќе им бидат врачени на 8 декемвери – првиот ден од празникот Ханука.





