Наташа Петровиќ: Храбар е тој што го крева својот глас против неправдите, а не тој што молчи

Со нетрпение го чекам денот кога срцето ќе ми танцува од трема и возбуда додека преку завеса го слушам џагорот на полното гледалиште пред почетокот на претставите – вели актерката од Театарот за деца и младинци

Со самото тоа што театарот ù се нема вратено на публиката во неговиот полн состав и публиката му се нема вратено на театарот. Голем е стравот со кој се соочуваме сите на дневно ниво со сите информации кои стигаат до нас како граѓани и тоа мислам дека е главната причина поради која сè уште не се среќаваме со публиката како порано – вели актерката Наташа Петровиќ. Таа е една од најангажиранитe македонски актерки, дел од ансамблот на Театарот за деца и младинци. Нејзина последна улога на големото платно е таа на Кети во филмот „Хомо“ на Игор Иванов-Изи, а со ликот на Натали беше освежување и на серијата „Преспав“.

Сцена од „Да ми го поздравиш и да ми го бациш“ (фото: „Артопија“)

Претставата „Да ми го поздравиш и да ми го бациш“, што ја работите под капата на „Артопија“ ù е омилена на публиката. Оваа претстава е една од ретките од независната сцена кои опстанале и по неколку сезони. Ве изненади ли успехот, со оглед на тоа дека исклучително е тешко да се одржува независна претстава на репертоар?

– „Да го поздравиш и да ми го бациш“ е првата претстава на здружението „Артопија“ и успеавме да ја задржиме на сцена успешно веќе петта година. Имаше период кога сите посакувавме да немаме за што повеќе да ја играме, да се променат работите на подобро и да речеме дека сме ја исполниле мисијата со оваа претстава и сега можеме да зборуваме за нешто друго. Но, за жал, работите се немаат променето и така и претставата и темата што ја обработува се сè уште актуелни. Морам да кажам дека публиката е таа што, пред сè, го оддржува животот на оваа претстава и неизмерно сме ù благодарни за тоа. Ние создаваме од нас за нив и мислам дека искреноста и емоцијата е она што нè поврзува овие пет години. Имаме уште многу приказни за споделување и животи за живеење на сцена кои едвај чекаме да ги споделиме со публиката.

Наташа Петровиќ

Неодамна ù дадовте поддршка на иницијативата „Култура или фис/култура“, со која актерите од струмичкиот театар, со поддршка на речиси тристе културни работници од цела земја се обидоа да ја премислат министерката за култура во изборот на директор на Центарот за култура. Сметате ли дека се прават храбри чекори за да се создаде критична маса во земјава?

– Сметам дека критична маса отсекогаш имало и ќе има. Она што мене ме вознемирува се неправдите со кои се соочуваме ние како уметници (што секако не се исклучок и другите професии, за жал) и потребата гласот на обесправените да биде слушнат само и исклучиво само кога тие ќе застанат на улица. Што се случува со барањата и дописите што претходно се упатени до надлежните органи? Зошто никогаш не успеваат да се решат овие случаи по нормален пат? Зошто културата е игнорирана? Поради сето ова, сè што се прави како чекор да го заштитиме она што за нас е свето, а тоа е културата, го сметам за храбар потег зашто храбар е тој што го крева својот глас против неправдите, а не тој што молчи.

Сцена од филмот „Хомо“ на Игор Иванов-Изи

„Хомо“ беше вашата последна улога на филм што излезе минатата година. Премиерата на оваа современа приказна се случи во ек пандемијата, а тоа влијаеше и на неговата гледаност.

– Една од светлите точки изминатата година за мене беше токму премиерата на филмот „Хомо“, бидејќи како што кажавте, се случи во услови на пандемија, но пред преполна кинопроекција под ведро небо на кровот на ГТЦ во рамките на Филмскиот фестивал „Синедејс“. Сите сме желни за културни настани и сè од ваков тим мислам дека се прифаќа со широко отворени раце.

Што е пресудно за да прифатите одредена улога на филм?

– Она што за мене е пресудно е возбудата што ќе ми ја предизвика улогата. Секогаш барам и сакам нешто што би ми било предизвик, би ми отворило нови перспективи на истражување и градење еден лик, бидејки сметам дека секогаш треба да има радост и возбуда во она што го работиме за да можеме да растеме и созреваме, пред сè, како луѓе, но и во својата професија.

Сцена од „Нашиот клас“ на Театар за деца и младинци

 

Пандемијата имаше огромни влијанија врз културната сцена во цел свет и кај нас. Со месеци затворени театри, празни галерии…сето тоа влијае врз публиката и врз креативците. Какво беше чувството да не може да се игра на сцена?

– Најстрашното нешто што може да му се случи на еден актер е да не игра. Тоа и ни се случи годинава, сите некако го живеевме нашиот најголем кошмар. Темпото на работа се успори и од играње пет, шест претстави во неделата, наеднаш дојдовме до играње една претстава во месецот, а некои месеци ниту една. Тоа е страшно, посебно за некој што е навикнат на интензивен и динамичен работен распоред како мене. Но, сепак и покрај хоророт наречен ковид, имав среќа да бидам дел од актерската екипа на претставата ,,Облак во мала кутија“ што воедно е и првата претстава за бебиња во Театарот за деца и младинци, претставата ,,Кожурец“ во продукција на „Артопија“ која имаше своја премиера во октомври и за прв пат бев дел од актерскиот тим на „Преспав“.

Се враќа ли публиката во Театарот за деца и младинци?

– Со самото тоа што театарот ù се нема вратено на публиката во неговиот полн состав и публиката му се нема вратено на театарот. Голем е стравот со кој се соочуваме сите на дневно ниво со сите информации кои стигаат до нас како граѓани и тоа мислам дека е главната причина поради која сè уште не се среќаваме со публиката како порано. Со нетрпение го чекам денот кога срцето ќе ми танцува од трема и возбуда додека преку завеса го слушам жагорот на полното гледалиште пред почетокот на претставите.

Учествувавте во петтата сезона на „Преспав“. Македонските актери немаат многу често можност да учествуваат во сит-ком, а „Преспав“ е повеќе од успешен производ. Каков предизвик беше да се игра Натали?

– Голем беше предизвикот да се биде дел од овој проект во целост бидејќи, пред сè, станува збор за формат кој до тогаш го немав работено и исто така за жанr што не ми е толку многу близoк, можеби поради фактот што самата себе и не се доживувам како комичар. Но, како што кажав и прогоре, сакам предизвици и ликот на Натали сам по себе беше еден голем предизвик, пред сè, бидејќи е комплетно различен од мене приватно, што на некој начин и го правеше забавен за работа, бидејќи можев да одам во некој други екстреми. На некој начин дружбата со Натали би ја опишала како возење на ролеркостер, на момент вриштиш од смеење и во иста секунда ти се заледуваат стапалата од страв од непознатото, но на крај, останува радоста дека си успеал да ја извозиш патеката.

Сцена од „Кожурец“

Што Ве очекува ново годинава и дали можеби ковид-19 Ви одложи некои проекти?

– Годинава со „Артопија“ имаме две театарски претстави за реализација и полека влегуваме во предпродукцискиот процес. Минатата година доста проекти беа откажани поради пандемијата и мерките кои беа донесени не само на локално туку и на светско ниво, но ние сепак успеавме да испродуцираме една театарска претстава – „Кожурец“ во режија на Билјана Радиновска и успеавме, нормално согласно мерките за безбедност, да ја одиграме истата пред публика. Искрено, се надевам дека годинава ќе успееме да се избориме со целава ковид-ситуација и ќе почнеме да ја прифатиме новото „нормално живеење“ и ќе можеме да им се вратиме ние на сцените, а публиката во гледалиштето.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели