Протести против реформите во образовниот систем што ги спроведува Министерството за образование и наука се одржаа денеска во повеќе градови во Македонија. Родители, наставници, ученици и активисти минуваа низ улиците со транспаренти, барајќи референдум за новиот закон за учебници. Главно барање е хартиените учебници да продолжат да се користат во образованието, а дигиталните уреди да бидат дополнителни алатки за учење.
Мирните протести ги кординираше граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“.
Групата која првенствено се организираше на социјалната мреѓа „Фејсбук“ за кратко време доби повеќе од 75.000 следбеници. Во изминатите десетина дена тие ги претставија своите барања пред претставници на МОН. Драгана Спасевска, овластен претставник на иницијативата, во неколку наврати гостиваше во медиумите и јавно ги претстави барањата. Пред Собранието денеска таа повтори:
– Оставете ги печатените учебници да бидат водич и приоритет во учењето, а дигиталните уреди дополнителна алатка во наставата. Ние, како родителска сила ќе сториме сè
е за да го сопреме овој наметнат предлог-закон кој генерира нови проблеми во образованието – рече Спасевска.

Од МОН велат дека легитимно и уставно загарантирано е правото на протест на граѓаните. Но, додаваат дека е апсурдно е да се протестира против дигитализација на образованието – глобален процес кој се случува во голем број земји во светот.
– Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општества. Промените мора да се случат. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на нивно интегрирање во системот – велат од МОН.
Министерството подолго време интензивно во медиумите ги образложува своите чекори и објаснува како ќе се спроведуваат образовните реформи. Главна забелешка на многу универзитетски професори, наставници и родители е што реформите се донесуваат пребрзо, без сеопфатна и темелна јавна дебата.
Фото: Граѓанска иницијатива „Учебници и настава мора да има“
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.





