Како Билазора може да ја смени индоевропската и античката историја?

Билазора е престолнината на древните Пајонци. Освен мал дел што денес се наоѓа во соседна Грција и Бугарија, целата територија и претстолнината на Пајонците се наоѓаат во денешна Македонија, вели прф. Д-р Ратко Дуев

Билазора и Пајонија се ексклузивно врзани за денешната територија на Македонија. Ако со истражувањата се пронајдат раритетни археолошки наоди или пак натписи различни од оние што се среќаваат низ Балканот, тоа ќе предизвика големи промени во проучувањето на индоевропската и античката историја, а вниманието на илјадници светски професори и студенти од областа на археологијата, историјата и класичната филологија ќе биде насочено кон Свети Николе, вели проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Се распаѓа Билазора, престолнината на Пајонците кај Свети Николе

Умно.мк објави репортажа од локалитетот Градиште, кај светиниколското село Кнежје, за кој научниците веќе немаат дилема дека е Билазора, престолнината на Пајонците. Објектите се во лоша состојба и потребна им е итна конзервација. Народниот музеј од Свети Николе е надлежен за истражувања, но не и за заштита на локалитетот. Од Министерството за култура велат дека тоа е под ингеренции на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип. Проект за конзервација на објектите бил доставен до Министерството и е во тек на одобрување.

Локалитетот денес

Филозофскиот факултет и музејот во Свети Николе во март потпишаа меморандум за соработка. Факултетот преку Институтот за историја на уметност со археологија со години е присутен на Градиште. Дуев вели дека од самиот почеток на ископувањата на Билазора, давале логистика со професори, сегашни и поранешни студенти археолози.
– Особено значајно е што голем дел од истражувањата се објавени во меѓународни и домашни научни списанија. Голем дел од проектите беа раководени од проф. д-р Драги Митревски. Истражувањата беа презентирани преку предавања пред професори и студенти од други светски универзитети – објаснува Дуев.

Вели дека многупати пишувал за значењето на Билазора, особено за развојот на културниот менаџмент како важна економска гранка, што во голема мера ќе ги закрепне кревките економии на градовите во Источна Македонија.
– Со директорот на Народниот музеј во Свети Николе, Александар Данев делиме иста визија. Меморандумот го потпишавме за да започнеме со заеднички активности и проекти за обезбедување на финансии и донации со кои би овозможиле да продолжат и да се засилат истражувањата на локалитетот, но и да го свртиме вниманието на јавноста. Обезбедивме и средства од донации за истражувања во околината на Свети Николе кои во моментот се одвиваат под раководство на проф. д-р Антонио Јакимовски во кои се вклучени студенти од Филозофскиот факултет и вработени во Музејот – вели Дуев.

Проф. д-р Ратко Дуев

Негова матична установа е Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет. Истражувачки интереси му се антички религии, митологија, микенологија, епика, античка музика. На прашањето зошто Билазора во моментот е „најважното прашање“ од македонското културно наследство, тој објаснува:
– Билазора е престолнината на древните Пајонци. Освен мал дел што денес се наоѓа во соседна Грција и Бугарија, целата територија и претстолнината на Пајонците се наоѓаат во денешна Р.С. Македонија. Во најстарото книжевно дело во Европа, Хомеровата „Илијада“, во второто пеење во „Каталогот на корабите“, како сојузници на Тројанците се споменуваат Пајонците – нивниот крал Пирајхме и „широкострујниот Аксиос (Вардар)“. Тоа е најстариот спомен за нашите простори, кога не постоеле називите Хелени, Хелада и Македонија – вели Дуев.

Подоцна тие ќе станат дел од кралството на Филип Втори и столбот на неговата армија. Таква цивилизација мора да оставила културно наследство, многу кралски гробници и богат археолошки материјал.

Дел од фреските се веќе изронети

– Затоа е многу важно да се започнат интензивни истражувања, но и конзервација на досегашните наоди, како и инфраструктура за посетители. Локалитетот е мошне погоден и достапен, Свети Николе е поврзан со автопат, блиску е до Скопје и Куманово за сместување, комунална инфраструтура и сл. Жално е што како држава сè уште Стоби е нашиот главен локалитет, а најголемите истражувања и конзервација се направени од тимот археолози и професори од САД, предводени од проф. Џејмс Вајсман, денес надворешен член на МАНУ. Замислете што би значело за еден град како Свети Николе, доколку илјадници туристи дневно минуваат низ градот во желба да ја посетат и видат Билазора? Докторанди, магистри, студенти кои работат на истражувања на индоевропската и античката историја, класичната филологија, лингвистика, антропологија итн.? – вели Дуев.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.
Сподели