Слики, инсталации и скулптури од домашни и странски автори во МСУ

Слики, инсталации и скулптури од деветмина реномирани домашни и странски ликовни уметници од денеска се поставени во Музејот на современата уметност на скопското Кале. До почетокот на јуни ќе бидат изложени делата од Могенс Андерсен, Елизабета Аврамовска, Жанета Вангели, Бернхард Гарберт, Рене Дивије, Исмет Рамиќевиќ, Петар Хаџи Бошков, Анџело Титонел и од Симон Шемов. Куратор на изложбата „Голем формат II“ е Благоја Варошанец, кустос во МСУ.

Тој објаснува дека изложбата се фокусира на односот на уметничкото дело во релација со архитектонскиот простор и набљудувачот. Како го перцепираме форматот во уметноста? Огромен пластичен сладолед, огромни кучиња од бaлони, долги ролни од насликани платна или едноставно зголемени фотопортрети насликани на згради низ целиот свет, каде димензијата во изразот е доминантен елемент во естетиката на уметничките дела.

– Форматот се однесува на големината на објектот во однос на друг објект, и не ретко може да биде еден од принципите на организација на визуелните и структурните елементи во уметноста. Форматот во уметноста не се однесува само на големината на уметничкото дело, туку е релационен принцип за односот кон предметите или односот кон човечкото тело. Релациската естетика стои во основата на уметничко дело, а корпореалноста или просторната компонента може да се сметаат како мерки кои го дефинираат или се во сооднос со големината или перцепцијата на делото – вели Варошанец.

 

Насловна фотографија: МСУ

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели