Зошто Куќата на Партениј во Стоби се вика Теодосиeва палата?

Мозаик во Теодосиевата палата од 4 век открија археолозите на античкиот град Стоби кај Градско. Мозаикот е поставен како централно правоаголно поле во една од просториите. Деталите археолозите ќе ги откријат деновиве.

Теодосиевата палата е најрепрезентативниот резиденцијален објект на Стоби, сместен во центарот на градот помеѓу главните улици Виа Принципалис Супериор и Виа Принципалис Инфериор. Објектот е поделен на два дела кои не комуницираат еден со друг. Некои истражувачи сметаат дека се две посебни куќи. Јужниот дел се вика Куќа на Партениј според откриениот печат со натпис „На Партениј“. Се претпоставува дека името го добила по римскиот император Теодосиј Први кој престојувал во палатата кога го посетил Стоби во 388 година.

– Доколку се земе предвид дека палатата не е комплетно истражена и дека многу веројатно и т.н. „Затвор“ припаѓа на комплексот, тогаш сето заедно може да се нарече Теодосиева палата – пишува на интернет страницата на Стоби.

Археолошкиот локалитет завчера го посети министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Ископувањата се вршат во рамките на соработката со Фондацијата „Балканско наследство“ од Бугарија, со грант од американска филантропска организација „Каплан фонд“ кој издвои 300.000 долари за конзервација на Теодосиевата палата. Проектот е еден од првите чекори на имплементација на мастер-планот за конзервација на Стоби, изработен меѓу 2019 и 2021 година. Активностите се во соработка со меѓународен тим од експерти предводени од Џон Стјуарт и Греам Абри од Велика Британија. Костадиновска-Стојчевска се сретна и со студентите археолози, учесници на Меѓународната школа за археологија, кои годинава ни доаѓаат од Америка, Канада и од Кина.

Северниот дел е репрезентативниот сегмент на палатата. Околу голем отворен двор (перистил) опкружен со столбови, се распоредени неколку простории со мозаични подови. И коридорите околу и во внатрешноста на дворот се декорирани со мозаици. На крајот од перистилот е сместен базен над кој се издигнуваат ниши.

– Базенот бил ограден со плочи од црвеникав мермер, а во внатрешноста биле поставени мермерни постаменти. Постаментите и нишите биле украсени со скулптури. Во музејот во Белград се чуваат познатите бронзени сатири од Стоби, бронзени скулптури на Афродита, Аполон и Лар и мермерна глава на Серапис. Сите биле откриени во внатрешноста на базенот каде што се нашле по уривањето на палатата. Бронзените скулптури, како сатирите на пример, се од хеленистичко време, од 2 век пред новата ера, додека палатата била изградена 6 века подоцна – велат од Стоби.

И јужниот дел од куќата има перистил околу кој се распоредени неколку простории, а две од нив имаат мозаични подови. Една од собите во овој дел од палатата служела како складишен простор и во неа се откриени десетина питоси (големи керамички садови во кои се чувало храна).

Југозапaдно до палатата се откриени две засводени простории кои поради наодите на скелети се наречени „Затвор“. Некои од истражувачите овој простор го нарекуваат „визби“ и го сметаат за сегмент од стопанскиот дел на палатата. Палатата била урната вο текот на 5 век и подоцна нејзините ѕидови биле инкорпорирани во сиромашни куќарки изградени врз нејзините урнатини.

Теодосиј Први познат и како Теодосиј Велики, бил римски цар од 379 до 395 година. Познат е по наметнувањето на христијанската религија и решителната забрана на сите други религии во империјата. Теодосиј е последниот римски цар кој владеел со целата Римска империја, која ја обединил за последен пат, само неколку месеци пред неговата смрт во почетокот на 395 година. По неговата смрт, империјата засекогаш била поделена на два дела – источна и западна.

(В.И.И.)

Фото: Министерство за култура

Сподели