Студенти и волонтери од САД, Канада и од Кина на археолошки ископувања во Стоби

Во античкиот град Стоби кај Градско во тек е 11. Меѓународна школа за археологија. На археолошките истражувања учествуваат на 19 студенти и волонтери од САД, Канада и од Кина.

– Годинава активностите се фокусирани на мистериозниот објект наречен „Затвор“ чија намена и хронологија се непознати. Ќе бидат опфатени уште две куќи од 6 век кои биле прилепени на неговите ѕидови – велат од Стоби.

Преку директна теренска работа, учесниците ќе научат основни методи на археолошки ископувања и документација. Програмата вклучува и предавања на различни теми, генерално поврзани со истражувањата во Стоби, а ќе бидат реализирани и едукативни екскурзии во Охрид, Битола и во Скопје.

Меѓународна школа за археологија е почната во 2010 година како дел од соработката меѓу Националната установа „Стоби“ и Фондацијата „Балканско наследство“ од Бугарија. Раководител на програмата е д-р Силвана Блажевска, кустос советник во Стоби, а стручниот тим на проектот го сочинуваат и нејзините колеги м-р Гоце Павловски, м-р Јован Радњански, конзерваторот Мариана Филова и Сања Петковска. Во тимот се и д-р Метју Шулер, професор на колеџот „Вилијам и Мери“ во Вирџинија и д-р Џорџ Беван и м-р Кристен Џонс од Универзитетот „Квинс“ во Кингстон, Канада.

Фото: Стоби

Сподели